Инспирација на 92: Прабаба од Индија тргна во училиште 

92 годишна жена од Индија е инспирација за многумина да научат да читаат и да пишуваат

Возрасната граница во основното училиште Чали во Буландашр, северна Индија, е поместена откако 92 годишната Салима Кан се запишала во училиштето. Прабабата позната како Ама, иако се мачи да оди, сепак доаѓа кога може во училиштето во Утар Прадеш, заедно со нејзината снаа за правнук Фирдаус која има 35 години. Ама научила да чита и да пишува, а нејзиниот ентузијазам за учење е мотивација за многу млади девојки како и мажени жени во областа, да се запишат на училиште, вклучувајќи и нејзини две снаи.

Кога нејзината приказна се проширила на социјалните медиуми, Ама станала извор на инспирација за жените во поширокиот регион на Утар Прадеш, каде 30 проценти од жените се неписмени.

„Одам во училиште во изминативе две години и учев поголемиот дел од времето“, вели насмеаната Ама, која првично се заинтересирала за училиштето поради бесплатниот ручек што е обезбеден.

Како дете Ама немала шанса за едукација и веќе била мажена на 14 години, две години пред Индија да добие независност од британското колонијално владеење во 1947. Со ограничени можности, таа работела за егзистенција на фарма додека се грижела и ги растела четирите синови и ќерката.

„Во тоа време немаше толку училишта“, вели таа. Нејзините деца се многу малку образовани, но гледајќи ги своите внуци како одат во училиште, Ама била привлечена да учи со нив.

„Наставничката ме научи на сè“, вели Ама. „Сега велат дека ќе ме тестираат. Одам во училиште бидејќи сакам да учам и научив многу под водството на главната наставничка. Таа ме научи на многу работи и сега можам да бројам и да читам“.

Нејзинито пишување е ограничено бидејќи има катаракта, вели нејзиниот внук, Навинор Кан.

„Таа исто така има тешкотии со видот и со слухот, но тоа не ја спречи да се описмени“, вели Кан, градежен работник, кој ги носи неговата баба и 11 годишната ќерка Африн секој ден на училиште.

Кан е горд на влијанието на неговата баба врз заедницата. „Многу девојчиња почнаа да одат во училиште откако Ама почна да учи. Исто така има и 20 жени кои понекогаш одат со неа во училиште“, вели Кан.

Пратиба Шарма, главната наставничка во основното училиште Чали вели дека примерот на Ама може да ги зголеми стапките на писменост во регионот. Всушност, Шарма е таа која ја охрабрила Ама да се запише на училиште откако почнала да доаѓа на ручек.

„Во училиштето се готви бесплатен ручек и бидејќи економската состојба на Ама не е добра, таа доаѓаше во училиштето да праша што се подготвува. Тоа се претвори во катализатор за образованието на Ама“, вели Шарма.

Не може да ви ја каже азбуката, но може да ги научи работите усно. Нејзиното усно учење е добро“, вели Шарма. „Ова препознавање на различните способности за учење, ја нагласува инклузивноста и флексибилноста важна за образованието во нашата земја, што понекогаш недостасува“, додава Шарма.

Ама сега го полагала националниот тест за писменост и ако го положи ќе добие сертификат што ќе ја стави помеѓу растечката писмена популација на Индија.

„Се надеваме дека ќе се квалификува. Луѓето во селото имаат надеж дека ќе продолжи да нè инспирира сите нас, што и да е, да чекориме по патот на образованието“, вели Шарма.

Back to top button
Close