Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Нема потреба за смена на собранискиот спикер, одговорноста е лоцирана
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер, одговорноста е лоцирана, институциите како никогаш до сега превземаа итни и неодлoжни мерки. Сега има кривични пријави, а во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих, соопштија од таму.
Пратениците од владејачката партија потсетуваат дека „имало времиња кога пајаци од градски паркинг удираа полициски работници и никој со прст не мрдаше и десеттици случаи од ваков тип на непостапување и безредие во владата на ДУИ и СДС“.
-Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат за секого. Обидите на СДС, ДУИ и Левица да ќарат политички поени на оваа тема не не изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изнесе јасна порака дека никој не е над законот, стои во соопштението на пратеничката група.
ВМРО-ДПМНЕ осудува и ќе осудува секогаш било какви дејствија надвор од законот и кои го нарушуваат редот, „допрва ќе се уверуваат сите дека законите ќе важат подеднакво за сите“.
Вчера полицијата поднесе кривична пријава и го суспендираше Сабедин Синани, началник на Одделението за лично обезбедување на претседател на Собрание поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „Загрозување на сигурноста“ по член 144 од Кривичниот законик и кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 од КЗ.
Поради ова Синани е отстранет од работното место до завршување на дициплинската постапка, а против полициските службвеници С.Р. и Н.Б. ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.
Денеска опозицијата побара одговорност и од претседателот на собранието Африм Гаши поради сканалозното однесување на шефот на неговото обезбедување на скопскиот аеродром, додека Левица најави и интерпелација за Гаши која пред пратениците треба да се најде на почетокот на септември.