Правила на однесување за девојки

Најквалитетната страна на овој роман за млади е линијата на анализа на концептот на вина. Наметнувањето и преземањето на вината врз себеси, во случај кога реално ја нема. Тоа наметнува дополнителни прашања за тоа каква социјална и политичка позадина е зад тоа чувството на вина и одговорноста да бидат иманентен дел од сликата за „добро воспитана девојка“.

„За сè ова сум јас виновна.“
„Молам?“ – мама и понатаму ја врти главата, запрепастена, „Не душо. Тоа не е точно. Како би можела за било што од ова ти да бидеш виновна?“

„Затоа што ми се допаѓаше“. Тие зборови ми излетувааат како вресок, низ пискав глас полн посраменост. „Така беше. И се мотав околу него, и стекна погрешен впечаток и…“

„Чекај малку“, на мама и се ококорија очите. „Никако. Тоа не функционира така, во ред? Ништо од тоа не функционира така“. Повторно одрекуваше со главата „Душо, имаш ли поим на колку деца им се допаѓаат нивните наставници? Имаш ли претстава колку ми се допаѓаа мене додека бев дете?

„Не е тоа исто – упорна сум. Да не бев…“

„На наставникот е да постави граници“, одлучно вели тато, „бидејќи наставникот е возрасен човек. Секако логиката ми вели дека се во право. Бекс и јас не бевме рамноправни партнери во некој флерт осуден на пропаст. Тoј беше човек со авторитет, јас само клинка во неговото одделение. Но сега, додека го набљудувам сопствениот живот, потполно разорен тешко ми е да поверувам во тоа. „Ипак“ велам млако симнувајќи ги рамената „требаше да бидам попаметна“.

„Тој требаше да биде попаметен“. Тогаш мама ме гушна, ме привлече кон себе ме погали по косата. „Тој сето тоа го знаеше. А ова е таква неправда“.

На таа последна изјава не можам да ѝ противречам, па ја пуштам мама да ме гушка и ги затворам очите. Совладана од изненадуваќки бран на исцрпеност.

„Го мразам“ тивко проговорив во вратот на мама.

„Знам “ вели таа и ме гушка посилно „И јас ебено го мразам“.

…..

Кендас Бушнел се прослави со романот Сексот и градот (далеку поциничен од серијата која се појави кратко подоцна). Но, овој пат нејзиниот инстинкт во право време да постави релевантни современи социјални и политички прашања и вештина тоа правилно да го вербализира, да ги расплетува и повторно сплетува деликатните нишки на односи на моќ кои суптилно својот пат секогаш го наоѓаат и во најинтимните меѓучовечки релации, е во позадина на нејзиниот роман Rules for Being a Girl (Правила на однесување за девојки), напишан во соавторство со Kејти Катунго.

Во приказната на Бушнел и Катунго, Марин (17) е одлична ученичка во последната година од средното образование. Талентирана со амбиции да биде новинарка.

Нејзиниот млад, харизматичен професор по англиски јазик, г-дин Бекет, не пропушта можност да ги пофали, дури и малку претерано, нејзините есеи и да разговара со неа за книжевност (и понекогаш без посебен повод да ѝ наговести како е позрела од останатите врснички, како „има зрела душа“. Да раскаже како е вознемирен и ненаспан поради скорешниот раскин, или да биде така шармантно лажно скромен …).

Но, кога „Бекс“ ја преминува границата и се обидува да ја заведе, Марин е ужасната и вознемирена. Дали таа некако го навлекла на тоа? Дали е таа виновна?

Свесна дека тој не е „морничав перверзњак“ кој „се нафрлил врз неа“ влегува во ментална операција за отплеткување на суптилните конци на манипулацијата и злоупотребата на авторитетот.

Кога ќе собере храброст да му се обрати на директорот на училиштето, никој не и верува (дали е сигурна дека се случило баш така, дали можеби било недоразбирање). И така, станува цел на slut-shaming, постепено се освестува за суптилните мизогини детали од средношколското секојдневие кои претходно ги премолчувала, или толку длабоко ги интернализирала што не ги забележувала додека не ги почувствувала на самата себе.

Сепак, нема намера да се повлече. Го користи училишниот весник за да му се спротивстави. Основа и феминистички литературен клуб. Наоѓа сојузници таму каде што никогаш не би очекувала.

Бушнел и Катунго знаат како да создадат возбудливо дело, а при тоа низ емотивно набиената приказна да отворат битни прашања. Овој пат за динамиките на моќ, злоупотребата на авторитетот, токсичноста на средношколските средини, менталитетот на обвинување на жртвата и хорскиот средношколски slut-shaming…но и за адолесцентот/ката, кршлив и сензитивен камуфлиран зад маската на борбеност и имање на ситуацијата под контрола. Се додека сите конци не избегаат и се чини дека животот е тотален хаос.

Kirkus review романот правилно го оценува како лесно четиво за компицирана тема (и смета дека е соодветен уште за над 13 години), додека Њујорк тајмс пишува дека читателите едноставно ќе ја препознаат импресионираноста на средношколката/от а која е оценета како посебна/ен од страна на некој кој има авторитет.

Можеби најквалитетната страна на овој роман за млади е линијата на анализа на концептот на вина. Наметнувањето и преземањето на вината врз себеси, во случај кога реално ја нема. Тоа наметнува дополнителни прашања за тоа каква социјална и политичка позадина е зад тоа чувството на вина и одговорноста да бидат иманентен дел од сликата за „добро воспитана девојка“. Како добро воспитаната, рафинирана, доволно сензибилизирана девојка е склона ,особено во тие нежни години, а веројатно и подоцна, да ја преземе врз себе, да ја интернализира и рационализира вината, да тврди дека „требала да знае повеќе“…кога за тоа нема никаков реален аргумент.
Да ровари низ својот систем на размислување и самоанализирање до онаа мера до која е неопходно за да пронајде некаква вина во самата себеси. За потоа да ја зголеми и да се изгуби во неа.

Романот не го отвора тоа прашање директно, но создавањето и негувањето на таа вина е едно од клучните социјално политички прашања кои индиректно ги отвора во однос на растењето на девојките кои „уште од најмали ги пијат правилата за однесување за девојќи“.

Дополнително интересно е што книгата реферира и на листа книжевни дела кои се читаат во средношколскиот феминистички клуб на Марин. Младите читатели на овој роман веројатно за прв пат ќе бидат запозаени со имиња и наслови како „Лоша феминистка“ на Роксен Геј, филмот и романот „The Help“ oд Kетрин Стокет, Рут Бејдер Гинсберг, Riot grrrl, „Сите ние треба да бидеме феминистки“ на Чимаманда Нгози Адичие , Одри Лорд, Кармен Мариа мачадо…

И сето тоа без наметливи реферирања и теоретизирања кои го рушат текот на дејството. Едноставно само споменати како листа референци кои се некаква почетна точка од образованието за родова еднаквост.

„Правила на однесување за девојки“ им е насушно потребен на средношколците во Македонија, бидејќи романот допира дел до темите кои се отворија со појавата на случаите како Сегакажувам, Јавна соба и Гевгелија хаб и кои би требало во континуитет да бидат дискутирани во средните училишта. Но тоа не е случај на ниво на цела држава, барем не во континуитетот кој е неопходен.

Пристапот и анализата на темите како емотивната манипулација, злоупотребата на авторитетот, обвинување и исмевање на девојката која се охрабрила да проговори, ироничното „како можела да не знае“, и слично, се нешто за кое во текот на образованието мора да се разговара темелно, отворено, и во континуитет.

„Правила на однесување за девојки“ е супер почетна точка. И поради тоа издавачките куќи и Министерството за култура би требало да го имаат предвид.

Лени Фрчкоска

Back to top button
Close