Православните христијани го слават Бадник
Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Божик.
Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.
Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик.
Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.
Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.
Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата „Македонија“, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт, креативни работилници за децата на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда и да ја зачува за следната година, драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото раѓање.
На плоштадот во Скопје уште претходно беше поставена пештера на Христовото раѓање, создадена од врвни уметници и волонтери.
– Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото раѓање, порачаа од Здружението „Бадникови поворки“.
Поради одбележувањата на Бадник, денеска на подрачјето на Скопје ќе има посебен сообраќаен режим. Од СВР Скопје апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.