Предлог-заклучоци од Самитот во Брисел: Нема разговори за Украина без Киев и за европската безбедност без ЕУ

Не може да има никакви преговори за Украина беа учество на Киев, се посочува во текстот на предлог-заклучоците од денешниот специјален Европски совет во Брисел посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа.

Дополнително во заклучоците, усогласени претпладнево од страна на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел, се нагласува и дека ЕУ мора да биде вклучени во какви било разговори што се поврзани со безбедност на Европа.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во врска со евентуален прекин на огнот во Украина во заклучоците се посочува дека такво нешто може да се случи само како дел од процесот што би водел кон сеопфатен мировен договор.

Кога станува збор одбраната на Европа, во заклучоците се посочува дека ЕУ „ќе ја забрза мобилизацијата на потребните инструменти и финансии“ за зголемување на безбедноста, „ќе ја зајакне својата севкупна одбранбена подготвеност и ќе ја намали својата стратешка зависност“.

– Европа мора да стане посуверена и поодговорна за сопствената одбрана и подобро опремена за дејствување и самостојно справување со непосредните и идните предизвици и закани, се наведува во предлог-заклучоците.

За таа цел во завршниот документ од Самитот се очекува лидерите на ЕУ да изразат поддршка за Планот „Ревооружување на Европа“, што вчера го промовираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и кој предвидува одвојување на 800 милијарди евра за одбраната. Засега останува неизвесно дали во текстот ќе се спомене зголемување на воената помош на Украина, од причина што во пресрет на Самитот унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека ќе стави вето на заклучоците, доколку тие содржат најава за дополнителна воена поддршка за земјата.

Најава за вето на заклучоците даде и словачкиот премиер Роберт Фицо, кој пред заминувањето за Брисел ја услови поддршката за документот со добивање гаранции од ЕУ дека ќе изврши притисок врз Киев за продолжување на транзитот на руски гас преку украинска територија.

За таа цел во предлог-заклучоците е внесена и одредба дека Европскиот совет ги повикува Европската комисија, Словачка и Украина да ги интензивираат напорите за „изнаоѓање функционални решенија“ за прашањето за транзитот на руски гас преку Украина, што се очекува да го одоброволи Фицо и да се откаже од вето.

Ова се само предлог заклучоци и можно е да дојде до измени на нивната содржина во конечната верзија, што треба да биде усвоена на крајот на денешниот Самит.

Инаку, лидерската средба започна со работен ручек на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ со украинскиот претседател Володимир Зеленски на кој се дискутираше за поддршката на Унијата за Украина.

По ручекот започна работниот дел од Советот на кои лидерите разговараат за европската безбедност и одбрана, а како основа на дискусијата, според најавите, е Планот за повторно вооружување на Европа на Европската комисија.

Back to top button
Close