Предупредување од Вашингтон до Лондон: Терористички напад е „многу веројатен“ во наредните месеци

Амбасадата на САД во Лондон ги предупреди американските граѓани дека националното ниво на терористичка закана во Обединето Кралство е подигнато на степен „сериозна“, што значи дека напад се смета за многу веројатен.

Во соопштението, амбасадата ги повика американските државјани на зголемена претпазливост на јавни места, вклучително училишта, болници, цркви, туристички локации и транспортни јазли. Дополнително, им се препорачува да ги следат локалните медиуми, да избегнуваат предвидливи рутини на движење и да пријавуваат сомнителни активности и закани на социјалните мрежи до надлежните служби.

Одлуката за подигнување на нивото на закана уследила по нападот во населбата Голдерс Грин на 29 април, како и поради растечките закани од исламистички и екстремно десничарски групи.

Според британските власти, нивото на терористичка закана во земјата во четвртокот било подигнато од „значајно“ на „сериозно“. Тоа значи дека, според проценките на Заедничкиот центар за анализа на тероризам, напад е „многу веројатен во следните шест месеци“.

Ова е првпат од ноември 2021 година терористичката закана во Британија повторно да биде на ова ниво. Тогаш мерката беше воведена по бомбашкиот напад пред болница во Ливерпул и убиството на британскиот пратеник Дејвид Ејмс, по што на почетокот на 2022 година беше намалена.

Back to top button
Close