Премиерот најави робусна акција против обвинители и судии кои го спречуваат спроведувањето на правдата
Тој, ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање поврзано со претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, велејќи дека сè додека се тие луѓе присутни во обвинителството и во судството земјата нема да тргне чекор напред во борбата против криминалот и корупцијата.
„Јас тоа го кажувам долго време и имам разбирање за граѓаните зошто велат добро е, работите, носите ова, носите тоа итн., но никако да се справите со криминалот и корупцијата, и ги разбирам. Сè додека тие луѓе се присутни и во обвинителството и во судството, за жал, ние не можеме да одиме чекор напред во борбата со криминалот и корупцијата и сенките од минатото коишто се дел од тоа политичко мочуриште кое го зароби ги обвинителството и судството“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на компанијата „Костел“.
Говорејќи на темата, тој кажа и дека на секоја седница на Влада читаат ревизорски извештаи и директно го прашуваат државниот ревизор дали има основа за кривични дела и дали тоа е доставено до обвинителството.
„И на секоја седница на Влада го добивам истиот одговор: ‘Да, доставено е’. Што значи дека имаме стотици случаи доставени до обвинителството. Дали вие сте слушнале освен тоа кога на некој обвинител кога треба да потпише налог за приведување или претрес му се слошило, добил дијареја, со гушење, покачена температура или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денеска, но верувајте нема да бидам уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин“,
изјави премиерот Мицкоски.
Најавата за робусна акција во правосудството тој ја повтори и додека одговараше на прашање во врска со иселувањето на граѓаните во земјава, велејќи дека прават сè за да ги вратат назад, но наидуваат на кочници при имплементирањето на правдата.
„Сè што треба правиме и ќе правиме да ги вратиме луѓето коишто заминаа од дома, ним им треба надеж, а мислам дека полека, но сигурно надежта се враќа, со исклучок на една работа и тука признавам и жалам зошто е така, затоа што секогаш кога треба правдата да ја имплементираме, некој добива дијареја, покачена температура или анксиозност од обвинителите и судиите. И тука сега ќе влеземе робусно во периодот што следува“,
изјави премиерот.
Инаку, премиерот Мицкоски, како во предизборието така и по добивањето на изборите и формирањето на новата влада, во повеќе наврати говореше дека нема да се откаже од идејата за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители доколку не добие подобри идеи за реформи во овие две тела.
Од друга страна, Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ изрази загриженост за најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.
Од неодамна почнаа јавните дебати за измени во Законот за Судскиот совет, кои треба да се базираат на препораките на Оценската мисија на Европската Унија.
Првата дебата се одржа на 15 ноември во Скопје и на неа, покрај претставници на судската фела, присуствуваа и домашни и странски експерти кои ги споделија своите ставови и мислења за измените на Законот.
Од Министерството за правда за утре најавија одржување тркалезна маса во Апелацискиот суд во Битола каде што, исто така, тема ќе бидат измените на Законот за Судскиот совет.