Премиерот на Каталонија бара референдум за независност
Претседателот на каталонската влада Пере Арагонес, денеска, по повод националниот ден на Каталонија, изјави дека е неопходно да се организира референдум за независност на таа автономна покраина на североистокот на Шпанија.
– Амнестијата не е и нема да биде крај на ништо. Таа е само потребен и неопходен чекор кон отворање на патот кон референдумот, изјави Арагонес во Барселона.
-Каталонија треба да одлучи и ќе одлучи за својата иднина на референдум. Тоа го браниме на улица, во институциите и во преговорите, додаде тој, обраќајќи им се на шпанската влада, на кралската куќа и на судовите.
Амнестијата за организаторите на забранетиот референдум во 2017 година е услов под кој двете сепаратистички партии ќе му понудат поддршка на актуелниот шпански премиер Педро Санчез да формира влада и да остане на власт уште четири години.
Каталонската републиканска левица (ERC) на Арагонес и централно-десничарската партија Заедно за Каталонија (JxCat), предводена од поранешниот каталонски премиер во егзил Карлес Пуџдемон, може да добијат предност во парламентот.
На крајот на месецот ќе се гласа за новата влада, по нерешените избори одржани во јули во Шпанија, на кои ниту левиот ниту десниот блок не добија мнозинство за формирање влада.
Левичарската влада на Шпанија претходно соопшти дека референдумот не може да се организира бидејќи е спротивно на шпанскиот Устав.