Премиерот Заев испрати новогодишни подароци за 126 деца во групните домови низ државата, Дневниот центар за деца на улица и Прифатниот центар за бездомни деца
Премиерот Зоран Заев испрати новогодишни подароци за 126 деца во 23 групни домови низ државата, како и во Дневниот центар за деца на улица и Прифатниот центар за бездомни деца, а со некои од нив имаше прилика и да се види на настани врзани за новогодишните празници.
„Во овој период од годината, изминатите години секогаш заедно, со што поголем број деца се дружевме и се гушкавме посакувајќи си здравје, среќно детство и исполнување на сите желби. Годинава нè затекна сите во сосема поинакви услови, и поради пандемијата од корона вирусот не можеме со повеќе дечиња и заедно да и се радуваме на Новата година. Како Влада ние сме посветени на поттикнувањето и развивањето на децата, да им се даде слобода за правилно изразување на нивните способности, чувства, креативност, снаодливост, да се оспособат за донесување на храбри одлуки во животот. Да одат низ животот самоуверено и сигурно”, истакна премиерот Заев во фабриката за кондиторски производи “Европа” која ја посети заедно со децата со Даунов синдром од групата “Ветерница”.
За време на посетите една од најважните работи кои може да се забележат во малите групни домови беше радоста заради празниците, како и тоа дека не се само место за живеење, туку место на кое децата растат во љубов и ја споделуваат таа топлина и љубов меѓу себе и со нивните гости.