Претпоставки за идентитетот на пронајдениот труп во Штип

Тело во распаѓање денес беше пронајдено при ископ во Штип, кај некогашните бунари на ЈП Исар, место каде се гради Мега парк. Од МВР за,,Фокус” ја потврдија веста за пронајденото тело при ископ, а повеќе детали најавуваат по завршувањето на увидот.

Неофицијално, штипјани велат дека станува збор за Славе Димитриевски, кој беше исчезнат од 14ти август лани. На социјалните мрежи посветени на општината, граѓани веќе пишуваат и пораки со сочувство до семејството Димитриевски.

Исто така, според информации до кои дојде ,,Фокус”, телото било покриено со гранки и тенок слој на земја, а истрагата треба да ги даде одговорите што се случило и која е причината за смртта.

Лани летото, во Штип исчезнаа три лица за еден месец. Покрај Славе Димитриевски (87), кој беше пријавен за исчезнат на 14-ти август, откако излегол од дома и му се изгубил траг, исчезна и Драган Стојанов (40), и тоа на 10-ти август.

Потврдено е дека Драган имал коцкарски долгови. По исчезнувањето, Драган наводно бил забележан во Скопје, па во Дојран, но официјално, лицето уште се води како исчезнато.

На 18-ти јули исчезна и Драгица Ристевска (74). Три месеци од исчезнувањето, односно на почеток на октомври минатата година, нејзината ќерка случајно пронашла остатоци од човечко тело, изгризани од животни во штипската населба Суитлак, а по облеката ја препознала нејзината мајка.

Тогаш од СВР Штип за ,,Фокус” изјавија дека Драгица и во минатото се случувало да залута од домот, а ќерка и секогаш ја пронаоѓала. Кога го пронашла телото, пак, тоа се наоѓало на околу еден километар од нивната куќа. За случајот, истакнаа дека ќерката случајно ги нашла остатоците од телото на мајката, кои се наоѓале на отворено, покрај пат. Нема податоци дали евентуално жената починала истиот ден кога исчезнала, или пак некое време лутала наоколу пред да почине, па затоа и не била пронајдена кога се пребарувал тој дел.

Инаку, набргу откако се случи исчезнувањето на Славе Димитриевски, ,,Фокус” телефонски разговараше со членови на неговото семејство, односно со неговата снаа за син, која изјави дека истиот ден откако тој исчезнал, тие го пријавиле случајот во полиција и очекувале надлежните служби да го пронајдат исчезнатиот. Кажаа дека Славе имал деменција, а последен пат бил забележан на улицата ,,Партизанска”, каде живеел. (Фокус)

Back to top button
Close