Претседателот на Синдикатот на контрола за летање повикан во полиција. Го пријавиле директорите на М-НАВ
Александар Тасевски, синдикалецот на М-НАВ, е повикан од полицијата, затоа што наводно упатувал закани преку Фејсбук кон раководството на Контролата на летови.
Александар Тасевски денеска бил повикан да даде изјава во полиција, откако директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди и уште еден од тројцата директори, Хасим Деари, го пријавиле дека чувствуваат загрозеност на безбедноста од него. Третиот директор Љубе Стаменковски, кој им даде поддршка на инженерите и инструкторите (од неговата струка), не бил потпишан на таа пријава.
Тасевски, кој заедно со колегите се борат против непотистички и партиски вработувања на измислени работни места во М-НАВ објавувани цела година на сомнителни огласи, неколкупати се закани со штрајк на контролорите и со затворење на небото за авиопрелети.
Последно што таму се случи, е поднесувањето оставки на раководните авторитети од Секторот за воздухопловна техника, кои се со посебен синдикат, затоа што на последниот сомнителен оглас биле примени на обука, односно на работа несоодветни кадри за инженери и инструктори.
По оставките, Тасевски објави на својот фејсбук-профил повик до Обвинителството да почне да чепка за контроверзниот прием на последните кандидати за работни места: 5 инженери и двајца инструктори, но и за сомнителни тендери во М-НАВ, за реновирање гаража итн. Напиша дека Обвинителството ако почне таму да истражува, ќе има работа до пензија.
Тасевски најави прес-конференција за утре во М-НАВ. Тој смета дека причина наеднаш двајцата директори да се почувствуваат загрозени од него, е повикот Обвинителството да влезе во М-НАВ и да ги истражи тендерите, вработувањата и трошењето јавни пари.