Стојна не се откажува од Куклица: „Сум наплаќала, наплаќам и ќе наплаќам, за џабе нема ни код бабе“

Пет евра по лице, без разлика дали посетителот е од Македонија или од странство, е предлогот што Стојна Димитровска-Бот го дала до здружението „Извор Кратово“ за услугите кај локалитетот Камени Кукли.

Во „Претрес со Ландов“ кажа дека предлогот сè уште треба да биде прифатен, а наплатата што ја вршат ја бранеше како законска. Не понуди никаков доказ за тоа, ниту пак покажа документ.

Според цените што ги наведе во гостувањето, домашните посетители плаќаат 120 денари, а странските 240 денари. Но од видеата се слушаат и поголеми суми на пари кои одат и до до пет-шест евра.

Стојна објаснуваше дека не станува збор за класични влезници за локалитетот, туку за пакет услуги што опфаќа туристички информации, паркирање и користење приватно земјиште.

Според неа, цената е иста без разлика дали посетителот користи една или повеќе од понудените услуги.

Водителот Кристијан Ландов ја праша што се случува ако некој дојде пешки и сака само да стигне до државната патека, без паркирање и без туристичко водење.

Стојна тврдеше дека за да се стигне до патеката мора да се помине низ приватна парцела.

Според нејзиното објаснување, дел од земјиштето е семејно, а за други парцели здружението има договори за користење со сопствениците.

На прашањето дали пристапот е овозможен, но не е бесплатен, остана на ставот дека користењето на приватното земјиште се наплаќа.

„Сум наплаќала, наплаќам и ќе наплаќам“, порача во разговорот, тврдејќи дека има право на тоа.

Ландов ја соочи и со наводите од допис на Општина Кратово за неовластено користење на просторот и нелегална наплата. Стојна ги отфрли тие обвинувања и повтори дека настапува како давател на услуги, а не како лице што продава класични влезници.

Во емисијата беше отворен и судскиот спор за предавање недвижен имот во владение на Музејот во Кратово, при што беше нагласено дека презентираната пресуда не е правосилна.

Back to top button
Close