Преведувачка работилница: Оснажувачкото еротско во поезијата на Одри Лорд

Во саботата (16/10) беше објавено однапред снименото видео од првата епизода за превод на регионалната емисија за книжевност, Inside/Out, која имаше формат на работилница и беше посветена на опсежноста на смислите на оснажувачкото еротско во поезијата на американската авторка Одри Лорд. Епизодата ја модерираше поетесата Селма Асотиќ, а гостуваа  Душица Лазова и Грација Атанасовска, кои направија компарација на нивните препеви на две песни по личен избор од Одри Лорд.

На работилницата беа споредувани решенијата до кои дошле двете преведувачки, препреките на кои наишле во преводот (замрсената синтакса и повеќезначноста на зборовите) и предизвикот да се пренесе интензитетот на еротскиот импулс од изворниот јазик.

Покрај самиот превод, преведувачките дискутираа и за континуитетот помеѓу еротското и креативното во овие песни (и воопшто во поетското творештво на Лорд), за релациите на моќ на субјектите чии идентитети се претопуваат еден во друг под перото на поетесата и во самиот еротски чин на спознавање – препознавање – пресоздавање.

Како што вели Грација, Одри Лорд е препознатлива по нејзината „комбинација на митски слики и интимност“ и вештото вметнување на „митското време… [кое] го доведува во спалната соба, во тие интимни простори и го преобразува во нов женски контекст“.

Во продолжение можете да ги прочитате и споредите нивните препеви:

 

 

Жена

 

Сонувам за парче место меѓу твоите гради

да си изградам дом налик заслон

каде сејам сејанина

во твоето тело

недогледна берба

каде најчестиот камен

е месечевиот камен и абоносовиот опал

хранејќи го со млеко секој мој глад

и твојата ноќ се надвиснува врз мене

како животворен дожд.

 

(Д.Л.)

 

 

Жено

 

Сонувам за место меѓу твоите гради

да си изградам куќа како пристан

каде што ќе сеам посеви

во твоето тело

бескрајна жетва

каде и најгрубиот камен

е месечев камен и абоносот опал

им даваат млеко на сите мои гладови

и твојата ноќ слегува на мене

како хранителен дожд.

 

(Г.А.)

 

 

Пресоздавање

 

При спојувањето

полесно се работи

откако нашите тела

ќе се сретнат

на пенкалото и хартијата

ниту им е гајле ниту имаат корист

од тоа дали пишуваме или не

но додека твоето тело се движи

под моите дланки

наелектризирано и во исчекување

го сечеме ланецот

ти ме создаваш наспроти твоите бедра

ридести од слики

во движење низ нашите зборовни земји

моето тело

ја испишува во твоето месо

песната

низ која ме спознаваш.

 

Те допирам и ме пресретнува полноќ

додека месечеви огнови ми се вгнездуваат в грло

те љубам месо в цут

те создадов

и создадено те земам

во мене.

 

(Д.Л.)

 

 

Разонода

 

Спојување

полесно е да се работи

откако нашите тела

ќе се сретнат

на пенкалото и хартијата

ниту им е гајле ниту имаат добивка

од тоа дали ние пишуваме или не

но како што телото ти се движи

под моите раце

во набој и очекување

го сечеме ремчето

ме создаваш наспроти твоите бутки

ридести и сликовити

движејќи се низ нашите збороземји

моето тело

ја пишува во твојата плот

песната

што ја правиш од мене.

 

Допирајќи те ја фаќам полноќта

како што месечевите огнови се палат во моето грло

те сакам плот во цут

те направив

и те земам направена

во мене.

 

(Г.А.)

 

 

Во оваа прилика ви препорачуваме да го прочитате и култниот есеј „Примените на еротското: еротското како моќ“ на Одри Лорд во превод на Душица Лазова.

извор: Медуза

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close