И три дена пред убиството на Вања ,,цитроенот” се движел по истата рута и поминал покрај нејзината зграда

Во судница во Кривичниот суд, на судењето за убиството на Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска, се прикажуваат снимки на кои се гледа движењето на возилата ,,цитроен”, со кое била грабната Вања од пред нејзиниот дом, и на,,рено гангу”, во кое, според Обвинителството се возел обвинетиот Љупчо Палевски, а кое се движело пред автомобилот во кој било девојчето.

Ѓорчевска беше грабната, а по неколку часа и убиена, на 27 ноември 2023 година. Но, според обвинителството, првичниот план на обвинетите бил да ја грабната Вања на 24 ноември или три дена порано. Подоцна, пак, се откажале од овој план бидејќи утрото било многу раздвижено.

Дел од снимките се однесуваа и на деновите пред да се случи крвавиот чин, односно токму на 24 ноември. Па така, на неколку снимки добиена од камерите на ,,Сејф сити”, се гледа како автомобилот ,,цитроен”, во периодот од 6.30 до 7 часот утрото поминува низ неколку улици во Скопје, а минува и пред зградата во кое живеело девојчето.

-На овие снимки се гледа како возилото ,,цитроен” се движи во Скопје на 24 ноември 2023 година. Возилото поминува и покрај зградата каде што живеела Вања со својата мајка и сестра, рече обвинителката.

Таа прецизираше дека ,,цитроенот” пред зградата на Вања поминал во 6 часот и 49 минути и се движел по истата рута како на денот кога била грабната.

Судењето е во тек.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година

Back to top button
Close