Приватните превозници не се откажуваат од своите барања, на помош ги повикаа премиерот и претседателот

Приватните превозници на „Слобода превоз, кои утрово ги паркираа своите автобуси и го блокираа сообраќајот на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ попладнево по поминати повеќе од пет часа во протест поради неисплатените долгови од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, се во исчекување на некаков исход од седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје и седницата на Управниот одбор на ЈСП што ќе им даде некаква извесност за решавање на нивните барања.

Очекувањата на возачите се дека ќе има позитивен епилог бидејќи, како што велат, тие се сто отсто во право и единствено што бараат е исплата на нивните чесно заработени пари.

Седницата за советнички прашања на Советот на Град Скопје, како и онаа на Управниот одбор на ЈСП „Скопје“ се закажани за во 14 часот. На онаа на Управниот одбор на ЈСП претставниците на приватните превозници ќе имаат можност, како што ни изјавија, ќе имаат можност директно да му се обратат на директорот на ЈСП, Александар Стојковски, да им одговори зошто претпријатието не им префрла средства.

 „Ја очекуваме седницата на Град Скопје каде што ќе бидат поставени советнички прашања, очекуваме да има некој епилог позитивен за нас бидејќи сме 100 проценти во право, чесно заработени средства да ни бидат исплатени и да продолжиме да работиме и да го сервисираме сообраќајно Градот Скопје. Исто така, поканети сме да учествуваме на седницата на Управниот одбор на ЈСП каде што најверојатно ќе имаме можност директно да поставиме прашање до директорот на ЈСП, зошто не ни се плаќа по договорот и зошто се дозволи да ни се наталожи долгот од речиси 2 милиони евра“,

вели за „360 степени“ Кемал Муриќ, претставник на „Слобода превоз“.

Тој во името на возачите кои се дел од ова здружение на приватни превозници ги повика премиерот и претседателот на државата да се вклучат и да помогнат во надминување на проблемот.

„Ги повикавме и другите институции како премиерот и претседателот да се вклучат и да помогнат некако во ситуацијата бидејќи неправедно сме доведени во состојба да застанеме, да блокираме и да правиме штета и хаос во сообраќајот на територија на Град Скопје. Не по наша вина, повторно повторувам“,

вели Муриќ.

Дел од возачите со кои разговараше „360 степени“ се во неизвесност и во исчекување на некаква позитивна вест, во спротивно велат дека остануваат на улиците, но не превезувајќи патници туку протестирајќи додека не им биде подмирен долгот.

„Не знаеме што ќе се случи. Во исчекување сме. Ситуацијата ни е тешка“,

вели возач на „Слобода превоз“.

Според него и уште неколкумина негови колеги, парите што ги чекаат од Град Скопје во најголем дел се за да можат да ги исплатат нивните долгови што ги направиле инвестирајќи во набавка и сервисирање на автобусите.

„Платата е друга работа. Јас не сум зел плата три месеци. Но осумдесет отсто од парите што ги чекаме се за да ги подмириме нашите долгови за гуми, за нафтени деривати, за осигурителните компании, за сите оние трошоци што сме ги направиле инвестирајќи во оваа работа од која вадиме леб – велат тие.

повеќе

Back to top button
Close