„Призма“: Портали водени од човек близок до ДУИ најмногу заработиле од рекламите за ланските избори

Локалните избори од октомври беа третите на кои државата, преку Државната изборна комисија, им ги покриваше трошоците на партиите за рекламирање во медиумите. Единствениот критериум е дека еден портал може да добие најмногу 15 000 евра без ДДВ од една партија, иако не е забрането едно правно лице со повеќе портали да добие онолку максимални суми колку што има сајтови

Портали водени од човек близок до ДУИ го собрале кајмакот од државноплатените изборни реклами во интернет-просторот на последните избори лани во октомври, покажува истражувањето на БИРН.

Овој случај ги илустрира ефектите од моделот воведен во 2018 година, државата во име на партиите да ги плаќа изборните реклами, што според еснафот и критичарите има сериозни недостатоци што го поттикнуваат и го негуваат клиентелизмот на релација партии и медиуми пишува „Призма“ во текстот под наслов „Медиумско-политички мануфактури со народни пари“.

Рами Мислими работи во Општина Тетово и паралелно „турка“ новинарска кариера преку порталот tetovasot.com. Вработен е во 2012 година, а од доаѓањето на новиот градоначалник Биљал Касами од Беса, Мислими бил на боледување, а сега побарал неплатено отсуство.

Освен tetovasot.com, фирмата со исто име „Тетова-сот медиа“ обединува уште три портали – bild.mk, indeks.mk и ts.mk. Компанијата формално е на име на братот на Реми, Тефик, меѓутоа во новинарската заедница тој е познат како „новинар и сопственик на порталот Тетова-сот“.

Четирите портали во предизборието објавувале банери само на ДУИ и за услугата од државата – а во име на партијата ја добиле максималната сума од 15 000 евра плус ДДВ, односно фирмата „Тетова-сот медиа“ вкупно инкасирала 70 600 евра. Ниту едно правно лице што управува информативен веб-портал или портали не добило ни приближна сума од изборниот буџет. Четирите сајта на семејството Мислими се единствените што ја добиле максималната сума за партиско рекламирање на сајтови.

Со четирите портали не се заокружува изборно-медиумската приказна на семејството Мислими. Вториот брат на Рами Мислими, Насер ги води порталите albazone.mk и lajmi.mk преку здружението Албазоне медиа. Ова здружение од ДУИ за изборите наплатилo речиси 5.000 евра за банерите објавувани на albazone.mk и 2.000 евра од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за реклами објавувани на lajmi.mk.

Друга групација на медиуми, обединети од фирмата „Боулевард“ на стружанецот Албрим Хоџа во интернет-просторот се на второто место по приходот од изборите. На порталите in7.tvvatra.mk, voxgostivari.mk, voxstruga.mk и strugalajm.com се рекламирала само коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива за таа услуга вкупно им платила околу 34 000 евра.

Албрим Хоџа во 2013 година бил портпарол на струшкиот огранок на ДПА, кој подоцна практично прерасна во посебна партија – Алијанса за Албанците, а кога со Општина Струга раководеше Зијадин Села – сегашниот лидер на Алијанса, Хоџа бил вработен во општината.

Локалните избори од октомври беа третите на кои државата, преку Државната изборна комисија, им ги покриваше трошоците на партиите за рекламирање во медиумите.

Единствениот критериум е дека еден портал може да добие најмногу 15 000 евра без ДДВ од една партија, иако не е забрането едно правно лице со повеќе портали да добие онолку максимални суми колку што има сајтови.

Целата сторија на можете да ја прочитате тука.

Back to top button
Close