Продолжува судењето за убиствaта на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, се сослушуваат обвинетите
Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје. На изминатото рочиште беше сослушуван обвинетиот Боре Видески кој изјави дека под физичка тортура бил принуден да потпише изјава со која ќе изгледа виновен и дека по тепање со дрвена палка го натерале да каже дека го познаваа таткото на девојчето.
Видески беше испитуван од страна на неговиот адвокат, а неговото сослушување треба да продолжи и денеска.
– Advertisements –
Претходно беше сослушан обвинетиот Велибор Манев кој во детали ги образложи грабнувањета на Вања и Панче, при што посочи дека координатор и извршител на убиствата бил Палевски. Тој нагласи дека после убиството на Панче, продолжил со грабнувањето на Вања поради страв и закани од Палевски кон него и неговото семејство.
Манев потенцираше дека сметале оти треба да грабнат жена на 38-40 години и дека се обиделе да го премислат Палевски откако виделе дека грабнале дете. Воедно, кажа дека за грабнувањата им биле ветени по 150 илјади евра.
Тој тврдеше дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, не е вмешан во случајот.
И Манев, како и Видески, посочи дека бил изложен на тортура при неговите распити.
Според најавеното, по сослушувањето на Манев и Видески ќе бидат сослушани и обвинетите Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крај Љупчо Палевски.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видески, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје