Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче, со сведочење на Велибор Манев
На денешното судење треба да бидат сослушани обвинетите. Прв треба да сведочи Велибор Манев. Тој на првото рочиште изјави дека не се чувствува виновен по наводите во обвинението. Се очекува да се расветли мотивот за двојното убиство.

На изминатото рочиште одбраната на Палевски предложи до Судот да се достави чаурата пронајдена на местото каде што било пронајдено телото на Панче Жежовски за која вештачењето утврдило дека е од оружје калибар 9 милиметри. Воедно, побара пред Судот да бидат повикани две вешти лица за дополнително вештачење на чаурата. Судот по однос на ова барање треба да се произнесе денеска.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.