Протест во Сараево против благите казни за семејно насилство и фемицид
Десетици граѓани во Сараево излегоа на протест на 16 февруари за да изразат револт против бавниот одговор на властите на Босна и Херцеговина на долгогодишните барања за зајакнување на превенцијата и правната и институционалната заштита на жртвите на семејно насилство, во светло на зголемениот број на случаи на фемициди (убиства на жени).
Ова е трет јавен собир на граѓани по убиствата во Калесија, во североисточна Босна и Херцеговина, кога ноќта меѓу 12 и 13 февруари беа убиени 37-годишната Инела Селимовиќ и нејзиниот 13-годишен син. Полицијата се уште трага по осомниченииот татко и сопруг на убиените, Емир Селимовиќ.
Денешниот протест беше организиран од неформална група студенти под мотото „Дали ова ќе се промени?“, со идеја да се соберат што повеќе истомисленици за да се иницираат општествени промени. За време на собирот беше организирана и работилница за изработка на транспаренти.
Актерката и режисерка Хасија Бориќ им се придружи на студентите на протестот, држејќи транспарент со кој го изразува нејзиниот протест против ниските казни и неказнивоста на семејното насилство, особено фемицидот.
„Потребно е да се изречат казни од 20 или 30 години ако сакаме да го запреме ова насилство“, изјави таа. (РСЕ)