Протест во Софија за поддршка на жените од Иран


Десетици бугарски граѓани синоќа учествуваа на мирен протест пред Националната палата на културата во центарот на Софија во одбрана на иранското население со барање демократија во земјата, јави дописникот на МИА од Софија.

На плакатите пишуваше „Слобода за Иран”, „Поддршка за револуцијата во Иран”, „За силните мажи и жени од Иран”, „Ние сме Иран, а не исламска република”.

Иранската државјанка Афиф Хосеини, која живее во Бугарија, изјави дека во моментов во Иран има револуција, дека девојките и момчињата се на улица и ги ризикуваат своите животи бидејќи не се запазени човековите права, слободата на говорот и новинарите не смеат да ја пишуваат вистината. Таа рече и дека во нејзината татковина секој што мирно ги бара своите права е нападнат на улица, во училиштата и на универзитетите.

Таа побара реакција од ОН и заштита на иранскиот народ.

Актерот Александар Алексиев, исто така учесник на протестот, побара бугарската страна да заземе цврст став и да го осуди режимот во Техеран. Тој рече дека Бугарија доколку го направи тоа, може да придонесе за промената во Иран, бидејќи тоа може да го следат и други земји.

Многу демонстранти си отсекоа прамен од косата во знак на поддршка, а меѓу нив имаше и познати бугарски актерки.

Back to top button
Close