Путин го прифаќа предлогот на Орбан за Божиќно примирје и размена на воени заробеници во Украина


Русија целосно ја поддржува мировната иницијатива и размената на воени заробеници предложени од унгарскиот премиер Виктор Орбан, соопшти денеска Кремљ.

Украинскиот премиер предлозите ги претстави за време на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-За време на вчерашниот телефонски разговор со претседателот Путин, унгарскиот премиер Виктор Орбан предложи на Бадник да се одржи голема размена на воени заробеници меѓу Русија и Украина и да се прогласи Божиќно примирје, рече Песков.

Русија брзо го испрати својот предлог за божиќна размена на затвореници до унгарската Амбасада, но Украина ги отфрли сите предлози, додаде Песков.

-Претпоставуваме дека консултациите за воспоставување мир ќе продолжат. Руската страна целосно ги поддржува напорите на Орбан насочени кон изнаоѓање мирно решение и решавање на хуманитарните прашања поврзани со размената на затвореници. Русија никогаш не ги отфрлила мировните преговори и постојано изјавува дека е подготвена да ги продолжи врз основа на Истанбулските договори од 2022 година, рече Песков.

Шефот на кабинетот на Орбан претходно изјави дека премиерот во телефонски разговор во средата на Путин му предложил Божиќно примирје и размена на воени заробеници.

-Едниот (предлогот за прекин на огнот) беше кажано дека вреди да се разгледа… А другото прашање, размената на воени заробеници, беше поддржано од (Путин), рече Гергели Гуљас, според кого, Унгарија сака примирјето да трае вечно, „но сега се работи за божиќните денови“.

Back to top button
Close