Рјабков: Следните денови во Москва ќе пристигне новата амбасадорка на САД
Новата американска амбасадорка во Русија, Лин Трејси, ќе пристигне во Москва во наредните денови, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.

Тој наведе дека сегашната ситуација не е погодна за одредување нов датум за седница на руско-американската консултативна комисија за Договорот за намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје Нов СТАРТ.
– Сегашната ситуација е обесхрабрувачка за одредување нов датум, особено имајќи го предвид трендот на ескалација на американските акции и реторика, нагласи Рјабков.
Претходниот американски амбасадор во Русија, Џон Саливан, ја напушти Москва по завршувањето на неговиот мандат на 4 септември минатата година, а беше назначен за амбасадор во Русија во декември 2019 година.
Последниот состанок на консултативната комисија за Нов СТАРТ се одржа во октомври 2021 година.






