Работна средба на угостителите од Охрид со институциите задолжени за контрола на работењето и придржувањето кон безбедносните протоколи

Доследноста во спроведувањето на хигиенско-безбедносните протоколи за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана во Охрид и поголема заштита од коронавирусот беше тема на денешната работна средба на полицијата со претставници на угостителските објекти и надлежниот пазарен инспекторат.

На состанокот била нагласена неопходноста од примена и строгото придржување кон сите одредби на Владата и на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со цел спречување на внесување и ширење на епидемијата од КОВИД-19, како и придржување до работното време и останатите законски одредби што ја уредуваат угостителската дејност.

Началникот на Пазарната инспекција, Цветко Ристески, повторно укажа на обврската за поставување соодветни средства за дезинфекција на секоја маса, задолжителното растојание до два метра меѓу масите, задолжителното носење заштитни маски и зачестена хигиена на рацете за вработените во објектите, почитување на ограничувањата за дозволен број на гости, послужување само на оние гости кои може да седат или преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, забрана за послужување на гости на шанк и стоечки маси.

На состанокот било укажано на забраната од организирање музички настани на отворен и затворен простор, како и на задолжителното менаџирање на гостите уште при самиот влез во објектите.

Угостителите од своја страна истакнаа дека протоколот за работа не е комплициран, но изнесоа и одредени забелешки и свои искуства во секојдневното работење, конкретни ситуации со гостите од досегашното спроведување на безбедносните протоколи, како и појаснувања со цел елиминирање на недоразбирањата како со гостите, така и со надлежните институции задолжени за контрола на работењето.

Back to top button
Close