Сервата на маса

Колкав гнев е истурен врз Пендаровски?

Незначителен.

Да, факт е дека разликата во однос на Силјановска е дупла. Но, во капацитирани гласачи, отприлика станува збор за 1/5 од вкупен број, и уште поважно, во услови кога седумстотини илјади жители не излегле да гласаат. Да повторам приближно околу 700.000 илјади (повеќе од 50% од гласачкото тело) не се анимирани од никого. Додека во рамките на тие што гласале окл. 30.000 се неважечки ливчиња

Според тоа сите, буквално сите, политички субјекти се на некој начин лузери.

Се надевам дека овој громогласен бојкот ќе го земат сите сериозно предвид во следните чекори на сите политички партии. И никој нема право според ова да го монополизира поимот на народот во својата наратопропагандна програма.

Нејсе, иако немам никакви информации од “високи извори”, сепак општа логика и перцепцијата сугерира неколку можни и извесни сценарија за 8-ми мај.

За веројатностите од нив немам мерлива единица, но вреди да ги имаме пред очи како можност.

1. Пендаровски, но и СДСМ ако изгубат добиеме некој хибрид од апсолутна власт на комбо од тврд македонски национализам предводен од Вмро и Максо, кои сега имаат понуда кон Влен. Но, последниве, освен што имаат структурни проблеми и немаат силна инфраструктура компарирано со ДУИ веројатно дека ќе бидат лабаво кооптирани подоцна од овие посилниве. Да не зборам за проблемите врзани за принципите на кои се темелат нивните позиции, а тие се следниве: услов е коалиција со некој што е спремен за уставни измени и ЕУ интеграција.

Па така, господинот Касами (оној кој зборуваше за киднапирање на негов сопартиец во една критична состојба за земјава; т.е. оној што имплицираше великоалбанска фолклористична провокација во Тетово; и тој што ….Албин го алиментира на своето конто. Е, токму тој, на некој начин индицира дека Мицкоски му ги ветил Уставните Измени? И обратно, Мицкоски тврди дека се чул со Таравари за нешто таму (се прашувам што?)

Прашањето во оваа опција – победничка за ВМРО е како би коалицирал со ВЛЕН, кога, Христијан веќе 2 години вели НЕ за уставните измени?

Зарем е можно?

Што ќе се случува со нотарските изјави?

Ветувањата пред граѓаните?

Јавноста бара одговори.

Па, Касами, ако веќе сугерира вакви коалициони работи, нека каже што се ветил Мицковски, инаку, дијаболично опасно е да не ни соопшти и дали нешто друго ветил Мицкоски, освен Уставни, а и какви точно Уставни измени ветил?

Слично, Бектеши (од ДУИ) вели дека Таравари потпишал документ со кој се обрврзал дека нема да коалицира со некој кој е против уставните измени?

Ја молим те? Хартија све трпи, нели?

Ама и сила бога не моли, исто така, што би рекол Пендаровски.

Епа како е можно тогаш во ВЛЕН истовремено да се согласуваат за нужноста од уставни измени а да се лиферуваат инфоси за Мицко дека и он прифатил, кога најтврдокорниот фраер за анти уставни измени уште тврди дека нема шанса на измените?

Малце чудна и дијаболична ситуација..

Затоа ова сценарио е длабински фалично, но сепак е сервирано на масата, додуше со еден куп непознати side ефекти.

Конечно, оваа опција е комплетно девастирачка за најнормалниот Претседател што сме го имале до сега; иако истовремено е можност за комплетно рестартирање и освежување на СДСМ и нејзина консолидација (доколку се случи пораз).

Слично, ова е особено супер можност за ВМРО да дојде до sид, и да се соочи со себе, своите гласачи, со институциите и со граѓаните и конечно со ОДГОВОРНОСТА ДА ПРЕЗЕМЕ ОДЛУКИ, т.е. да излезе од комфор зоната и комоцијата на верглање, а ништо да не преземаат. Албанскиот блок исто – ќе мора да се соочи со себе и својата одговорност во управувањето со државата.

Сепак, оваа опција ми се чини дека за кратко ќе колабира од некапацитираност, па шанса е да видиме стварно како ќе продолжи да се преговара со ЕУ? Што се ќе треба ВМРО да голтне од сервата на ВЛЕН / подоцна и од ДУИ? Со кои Бугари ќе разговара (Мултигруп можеби?), а притоа ќе ја заобиколи ЕУ ? ….и други прашања, поризични… многу поризични кои ќе произлезат од мобилизираните етнонационализми.

Со еден збор: опцијава е overrated.

2. Другата опција е: бојкот и немање цензус за избор на претседател, но приреден од албанските партии. По што би уследилa криза, но и повторување на циклуси на избори, до недоглед, кои може да завршат сепак со избор на Претседател во Собрание, а по пат на претходни пржински преговарања. Главниот ризик овде е од раст на нов бран на етнонацонализам. Поточно, етнонацизам. Намерно велам нацизам зашто ова ќе биде една уште порадикализирана интервенција како во нарацијата, така и во мобилизацијата. Ризик јак, но сепак можно е. Според некои гласови, ова е нов посибилизам и за странски упади ако е вон контрола. Ако ова го вечераме, многу деликатно треба да е сервирањето.

3. Трета опција е албанските гласови организирано да одат на конто на Пендаровски, и да устоличат конкретен човек што не е ниту расист ниту ксенофоб, и кој веќе помина 3 кризни циклуси успешно. Па во евентуална криза, и случај да се формира владата во погорен состав, добро ќе биде да има еден ко-хабитационен и особено рационален елемент па дури и претседател како коректор – ако мнозинството е сугестивно националистичко и авторитарно.

Во оваа варијанта, нема мачови со острици за државата и се намалуват ризиците од заокружена авторитарност и етнопоулизам кои би биле и провокативни за безбедноста (во услови на дестабилизациски трендови во Европа). Партиите тука ќе треба малку да дадат за државата, а помалку да земат за себе, како не би влегле во спиралата на малигните интервенции од трети страни. Затоа ова го сметам за модерирачко или умирувачко сценарио.

Има и други сценарија, но овие ми се чинат како најартикулирани.

Ете, поедноставено, што имаме на маса. И на сите политички субјекти им чукна часот да си земат комплетна одговорност, за иднината на земјата, но и на нас граѓаните, бога ми нема да ни е лесно, затоа што она што го издробивме и сервираме на масата, и ние како гласачи и они како политичари, тоа ќе си сркаме после сите заедно.

Битно да не се попариме.

Bon appetit!

Ана Чупеска

Back to top button
Close