Ракетата на НАСА треба утре да полета кон Месечината

Мисијата на НАСА на Месечината изминатиот период беше соочена со бројни проблеми што го одложија полетувањето, а сега лансирањето на „Артемис 1“ е закажано за утре, јавија дел од светските медиуми.

Лансирањето се одложуваше поради проблеми со моторот, истекување на гориво, како и двата урагана што ја погодија Флорида.

Опишана како најсилна и најсложена ракета во светот, огромната двостепена ракета „СЛС“ претставува најголем нов систем за вертикално лансирање, изграден од американската вселенска агенција, откако „Сатурн 5“ полета на Месечината за време на програмата „Аполо“ во 1960-те и 70-те години.

Успешното лансирање ќе означи нова ера на истражување на вселената, кога „Артемис 1“ ќе ја однесе капсулата „орион“ и ќе ја испрати на патување долго 25 дена околу природниот сателит на Земјата.

„Артемис 1“ е предвиден како пробен лет со цел да се проба новата „СЛС“ ракета и да се извршат сите подготовки за следни мисии. Наредната мисија, „Артемис 2“, закажана за мај 2024 година, ќе однесе четворица астронаути до Месечината и назад, без слетување на површината.

Во 2025 година, НАСА планира на површината на Месечината да спушти двајца астронаути, вклучувајќи го и првото женско лице, додека други двајца ќе останат во орбитата на Месечината во командниот модул.

Тоа ќе биде првпат луѓе да чекорат на Месечината, уште од 1972 година.

Предвидено е „Артемис 1“ да полета од вселенскиот центар Кенеди, Флорида, во седум часот.

Постои можност полетувањето повторно да биде одложено, по проверка на ракетата поради невремето, бидејќи ураганот Никол претходните денови донесе ветрови од 160 километри на час.

Back to top button
Close