Рашковски осуден на осум години затвор
Поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски е осуден на единствена затворска казна од осум години за случајот „Софтвери“.За делото злоупотреба на службената положба е осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор.

На Рашковски му се засметува и времето поминато во притвор. Затворски казни добија и останатите обвинети во овој случај.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ги прогласи за виновни поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски, професорот Ивица Димитровски, носител на проекти на „Финки“, Игор Христов, надворешен соработник на Влада, Даниел Станчев од „Инвока груп“, Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска, надворешни соработници на Влада.
Рашковски не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Го набавил без објавување на тендер и дал насоки за изготвување на техничката спецификација за јавна набавка со што ја фаворизирал фирмата „Инвока груп“.
Судот констатираше дека Рашковски имал доминантна позиција во текот на главната расправа, како и додека бил генерален секретар кога давал насоки за за остварување на негов личен интерес. Во текот на судењето, Димитровски покажал искрено каење и дистанцирање од Рашковски, Христо имал партнерски однос, Станчев лојален однос.






