Распишана меѓународна потерница за Љупчо Палевски

Македонското МВР вечерва поднесе кривична пријава, по што е распишана меѓународна потерница за Љупчо Палевски- осомничен за киднапирање и двократно грозоморно убиство на малолетната Вања и на велешанецот Жежовски.

Полицијата распиша меѓународна потерница преку Интерпол за Љупчо Палевски – Палчо, кој е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и за 74-годишниот велешанец Панче Жежовски. Палевски, според сознанијата на полицијата, е во бегство во Бугарија или Турција.

Тој е поранешен градежен бизнисмен и основач на партијата Десна. Полицијата информираше дека тој има низа кривични пријави во периодот од 2000 до 2020 година. Како што соопшти МВР, против Палевски во 2019 е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 се поднесени прекршочни пријави и поради омаловажување на полициски службеник.

„Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, се вели во соопштението на МВР.

Палевски на 30 ноември побегнал во Србија, од каде, наводно, продолжил за Бугарија. По него се трага. Бугарските власти денеска соопштија дека немаат информација оти Палевски влегол во нивната земја.

Убиена за откуп

Вања Ѓорчевска била грабната од влезот на зградатакаде што живеела со цел да се изнудат пари од нејзината мајка. Грабнувачите ѝ ги врзале рацете и нозете, ја покриле со вреќа за спиење и ја ставиле во гепекот на возилото „цитроен“. Пред возилото имало друг автомобил – „рено канго“ коешто цело време се движело пред нив. Девојчето било однесено на локација надвор од Скопје, во атарот на село Бразда, Чучер Сандево, каде е извршено убиството, а потоа е запалено возилото со коешто е грабната. Малата Вања е убиена поради обид да се изнудат пари од мајката на девојчето. Но, досега полицијата нема информации дека некој побарал пари за откуп, ниту пак дека биле исплатени средства на грабнувачите.

Според полицијата и обвинителството, директен извршител на двете убиства бил Палевски.

Back to top button
Close