Разговор со Иван Шопов во Градската библиотека во Скопје

Неговата збирка раскази „Зентрифуга“ е книга на месецот и дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Вo среда (5 февруари) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ ќе се одржи разговор со писателот и преведувач Иван Шопов. Неговата збирка „Зентрифуга“ е книга на месецот и дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

„Зентрифуга“, издание на „Бегемот“ е збирка раскази полни хумор, иронија, пародизација и очудување.

-Расказите се навидум едноставни, напишани со лесен, разбирлив стил. Но, всушност, тие во себе содржат подлабока тематика бидејќи, преку неочекуваните духовити пресврти, ги откриваат и ги разнишуваат цврсто изградените, конзистентни етички гледишта на зен приказните, често со шокантен резултат. И во другите циклуси од збирката, кои се состојат од микрораскази, Шопов го остава својот препознатлив белег: извлекување на маргинализирани перспективи, очудување или дестабилизирање на вообичаените ситуации, примена на меѓусебно конфликтни раскажувачки постапки за да се произведе ефект на хумор и ново сознание – ќе запише Калина Малеска.

Иван Шопов (1987) е македонски писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги раскази, песни во проза, сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик. Заедно со Владимир Лукаш, во 2019 го основа мобилниот културен центар КЦ 750. Работел како уредник во „Темплум“ и на „Окно“. Преведува од хрватски, српски, бугарски и од англиски јазик.

Разговорот со Шопов ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

Книгата на месецот, Разговорот со авторот и Клубот на читатели се препознатливите активности на големата кампања „Читаме современи македонски автори“ која започна во септември 2022 година. За кампањата во 2024 година ГБСК ја доби наградата Промотор на читачката култура што ја доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).

Настанот е дел од програмата Скопје – европска престолнина на културата 2028.

 

 

 

Back to top button
Close