Разногласие во Брисел: Дипломатската служба на ЕУ пред предизвик поради внатрешните несогласувања и односите со Фон дер Лајен

Европската Унија денеска започна дискусии за можна реформа на својата дипломатска служба, која според повеќе земји членки, меѓу кои Франција и Германија, не е доволно ефикасна.
Од основањето во 2011 година, дипломатската служба на ЕУ се соочува со несогласувања меѓу земјите членки, кои сега се 27, како и со разлики меѓу институциите на Унијата. По правило, високata претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, ја координира надворешната политика на Унијата со цел европските земји да настапуваат со еден глас. Но, нејзините можности за дејствување се ограничени поради ставовите на одделни земји членки, чии несогласувања често го блокираат дејствувањето на ЕУ, истакнуваат извори за Франс прес од повеќе европски престолнини, посочувајќи ги како пример разликите околу Блискиот Исток, пренесува Франс24. Дополнително, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, често зазема ставови за прашања од надворешната политика, навлегувајќи во надлежностите на Калас.
Во тој контекст, Франција и Германија денеска ги претставија своите предлози за време на состанокот во Виклоу, во близина на Даблин, на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
– Идејата е да се зајакне улогата на високиот претставник и да се поддржат активностите што Каја Калас во моментов ги презема – објасни францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Во документ изготвен пред неколку недели, со кој располага Франс прес, Париз, меѓу другото, предлага дел од дипломатската служба на ЕУ да биде префрлен во Европската комисија со цел да се рационализира нејзината работа, истовремено зголемувајќи ги овластувањата и улогата на Калас. Дипломатската служба на ЕУ има околу 5.500 вработени и буџет од нешто помалку од една милијарда евра.
„Овие предлози предизвикаа одредени несогласувања и ќе разговараме за нив“, призна Баро.
Од друга страна, Калас изјави дека 27-те земји членки во целина не покажале особен ентузијазам во денеска започнатите дискусии за реформата.
– Она што земјите членки го кажаа денеска е дека постои широка поддршка за сегашната институционална рамка. Затоа, таа не треба да се менува, туку подобро да се применува – истакна високата претставничка на ЕУ за надворешна политика.
Калас додаде дека проблемот не произлегува само од несогласувањата меѓу 27-те земји членки, туку и од желбата на Фон дер Лајен да се занимава со дипломатски прашања.
– Веќе сме имале ситуации во кои некој над мене всушност ја носел одлуката, а вие добро знаете дека тоа не е ефикасно – изјави Калас.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул предложил темата повторно да биде разгледана на состанок во Берлин. Датумот на состанокот сè уште не е утврден, изјави пред новинарите неговиот италијански колега Антонио Тајани.






