Реакција на бугарските здруженија во Македонија: Не прифаќаме “одложено дејство”. Нашите човекови права не ја попречуваат европската иднина на земјата
Бугарските здруженија од Кавадарци, Струга, Прилеп, Битола, Охрид и Скопје испратија декларација во која се нагласува дека човековите права на Бугарите во Македонија не треба да станат „заложници на политичките или административни процеси, објави БТА.
„Не можеме да прифатиме нашето вклучување во Уставот на Република Северна Македонија да се дефинира како „уцена“, „диктат“ или „пречка“ за европската иднина на земјата. Ниту, пак, можеме да се согласиме со идејата дека нашите права, заедно со правата на другите делови на народите вклучени во уставот, треба да бидат предмет на „одложено дејство“. Доживеавме доволно одложувања во нашата борба за еднаквост“, се вели во Декларацијата.
Во неа здруженијата потсетуваат дека преговорите меѓу Бугарија и Македонија завршиле во 2022 година, а обврските преземени од „Република Северна Македонија се јасно дефинирани и се дел од преговарачката рамка на земјата, а Северна Македонија мора да ги вклучи Бугарите во земјата во Уставот, за започнување на вистински преговори за членство во ЕУ кои се во интерес на сите граѓани“.
„Надлежните бугарски институции и политичките претставници на државата во повеќе од една прилика изјавија дека Бугарија нема нови услови за Република Северна Македонија, освен оние кои се веќе инкорпорирани во преговарачката рамка. Затоа сметаме дека прашањето за правата на Бугарите овде [во Северна Македонија] се користи како нова форма на стигматизирање на нашата заедница пред општеството, како да сме ние пречката за европската иднина на земјата. Ова не е точно и никогаш не било. Ние Бугарите во Република Северна Македонија имаме јасен став дека нашата земја треба да стане дел од ЕУ како што стана дел од НАТО и да биде мајка на сите нејзини граѓани без разлика на нивната етничка припадност. Ние сме цврсто против каков било компромис за нашите човекови права“, стои во декларацијата.
Документот е упатен до македонската претседателка, претседателот на парламентот и премиерот како и до претседателот и премиерот на Бугарија, претседателите на Европскиот совет, Европскиот парламент и Европската комисија, амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорите на земјите членки на ЕУ, САД и Обединетото Кралство во Скопје и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Вчера бугарскиот технички премиер Димитар Главчев во интервју за бугарската телевизија нагласи дека прашањето со Македонија „е решено“, во контекст на тоа дека уставните измени со одложено дејство би биле неприфатлив предлог за бугарската страна.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на брифинг со новинарите рече дека „Македонија добива силна меѓународна поддршка за својата позиција во спорот со Бугарија“ и дека државата јасно ги претставила своите аргументи на билатерални и мултилатерални средби, како и пред претставници на Европската Унија.