Речиси двојно повеќе неважечки ливчиња на претседателските отколку на парламентарните избори

Податоците од обработените избирачки места покажуваат дека на претседателските избори имало 20 963 неважечки ливчиња повеќе во однос на парламентарните. Најмногу неважечки ливчиња за претседателските избори има во Тетово, а кај парламентарните избори најмногу неважечки се во Изборната единица 1

Вкупно 48 237 неважечки ливчиња имало на претседателските избори, а 27 274 на парламентарните избори, покажуваат последните податоци објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, ажурирани утринава.

 

Од пребројани 99,82 отсто од избирачите за претседателските избори и од обработени 3 476 од 3 508 избирачки места, може да се види дека гласале 859 948 од обработените 1 811 102 избирачи.

Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, има над 300 илјади гласа предност пред нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ.

За парламентарните избори, пак, од пребројани 99,60 отсто од избирачите најмногу мандати – 58 има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, според последните податоци објавени на веб-страницата на ДИК.

Податоците се од обработени 3 463 од 3 477 избирачки места. На овие избирачки места гласале 997 596 од пребројаните 1 802 165 избирачи.

Кај парламентарните избори вкупниот број неважечки гласачки ливчиња е 27 274.

Податоците од обработените избирачки места покажуваат голема разлика во бројот на неважечки ливчиња и таа изнесува 20 963.

Тетово со најмногу неважечки ливчиња за претседателските избори

По општини, најмногу неважечки ливчиња има во Тетово – 4 018, а по него е Чаир со 2 828. На листата на општини со најмногу неважечки ливчиња се и Куманово со 2 635, Битола со 2 418 и Гостивар, каде што имало 2 407.

Според податоците по општини, може да се забележи дека најмногу неважечки ливчиња има во општините со доминантно албанско население.

Голем број неважечки ливчиња има и во скопските општини, а тука по Чаир е Карпош, каде што имало 1 829. Потоа следуваат Аеродром со 1 801, Гази Баба со 1 387 и Кисела Вода со 1 304.

 

Од другите поголеми градови, во Прилеп имало 1 755, Струга – 1 257, Штип – 1 093 и Струмица – 1 016 неважечки ливчиња.

„Единицата“ со најмногу неважечки за парламентарните

Во однос на парламентарните избори, бројот на неважечки ливчиња, по изборни единици, е најголем во „единицата“. Таму имало 5 299 неважечки ливчиња.

Втора на листата е Изборната единица 4 со 5 081, па „тројката“ со 4 923 неважечки ливчиња. Во Изборната единица 5 имало 4 628, а во „двојката“ 4 553 неважечки ливчиња. Најмалку неважечки ливчиња имало во изборната единица 6 – 2 790.

Вчера, по објавувањето на резултатите со изјави излегоа двајцата претседателски кандидати кои во говорите прокоментираа за, како што рекоа, бојкотот на изборите, кој во текот на изборниот ден беше забележан во општини каде што најмногубројно население се Албанците.

Пендаровски изрази сомнеж оти е чиста совеста на оние кои, како што рече, тргнувајќи од теснопартиски и лични политички интереси на систематски и организиран начин, спречиле илјадници граѓани да го земат второто гласачко ливче и да гласаат и на претседателските избори.

Силјановска-Давкова, пак, тврди дека гласовите што ги доби воопшто не се базираат на национализам и оти сега не е време за поделби.

Back to top button
Close