Рекорден ден со пожари – 54, вечерва активни 19, загрозени неколку села
На територијата на државава денеска Центарот за управување со кризи евидентирал рекорден број пожари на отворено – 54, од кои активни се 19, а oстанатите се целосно изгаснати или ставени под контрола.
Пoжарот кој беснее на територија на општина Пехчево, го загрозува селото Негрево.
Сериозен пожар има и на територија на општина Куманово. Тој загрозува куќи од селото Живине.
Во кратовското село Татомир, исто така, има опасност огнените стихии да ги зафатат куќите.
На територија на општина Свети Николе, огнени јазици му се закануваат на селото Долно Ѓуѓанци, каде пожарот беснее веќе втор ден.
Голем пожар има и во општина Македонски Брод, кој трае со денови и претставува закана за две села. Од ЦУК потсетуваат дека вчера биле евакуирани вкупно девет лица од тие села.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов вечерва потсети дека најчесто, пожарите се разгоруваат околу пладне, а во текот на ноќта – стивнуваат.
– За жал и утре нѐ очекува ветровит ден и утре нѐ очекуваат голем број пожари. Сите пожари се разгоруваат најчесто околу пладне и веднаш попладне. Во текот на ноќта, истите ја намалуваат својата моќ, некои од нив и „заспиваат“, односно загаснуваат. Но, со покачувањето на дневните температури, тие се разгоруваат повторно и претставуваат закана за населението, рече Ангелов.
Претходно Ангелов преку видео изјава соопшти дека денеска повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош во воздухоплови.