Ректорот на Универзитетот во Белград: Ќе прифатам ангажман ако побараат од мене студентите и граѓаните


Ректорот на Универзитетот во Белград, Владан Ѓокиќ вечерва изјави дека доколку студентите и граѓаните побараат до него каков било политички ангажман тој е подготвен да прифати. Изјавата ја даде на прашањето дали би бил претседателски кандидат.

„Таа тупаница е еден вид ветување, еден вид доследност дека ќе истраеме на нашиот пат. Сè уште не знаеме кога ќе бидат изборите и какви ќе бидат изборите. Она што го знаеме е фактот дека не се пријавив ниту водев кампања како некој што има политичка амбиција да биде политички лидер. Јас сум универзитетски професор, ректор на Универзитетот. Сепак, во ситуација кога универзитетот е нападнат, во ситуација кога полицијата го напаѓа универзитетот, во ситуација кога граѓаните чекаат надвор, имам обврска да им одговорам на тие граѓани и да им се обратам на некаков начин. Доколку студентите и граѓаните ме замолат за некаков ангажман, јас сум подготвен да го прифатам тој ангажман“, рече тој.

По речиси десет часа пребарување на просториите на Ректоратот од страна на полицијата, Владан Ѓокиќ доцна синоќа им се обрати на граѓаните што се собраа пред таа институција во знак на поддршка со крената рака во тупаница што во јавноста во Србија е протолкувано како студентски претседателски кандидат.

Зборувајќи за полицискиот упад врз Ректоратот, Ѓокиќ рече дека тоа е првпат некоја служба да изврши упад во таа зграда по окупацијата во Втората светска војна.

„Ова е прв и единствен пат, по Втората светска војна и окупацијата, некоја служба да упадне во Ректоратот во Белград, тоа не се случило ниту во 1968 година ниту во 2006 година, а сега се случува за првпат“, рече Ѓокиќ.

Тој објаснува дека кога полицијата дошла со наредбата, му рекла дека дошла да ја истражи поврзаноста со несреќниот случај на студентка на Филозофскиот факултет која трагично го загуби животот, но дека во наредбата тоа не било споменато, туку било побарано да се проверат просториите и дека е осомничен за повреда на службената положба. Ѓокиќ изјави дека „власта ќе продолжи да ја продлабочува агресијата и ќе продолжи со притисок и репресија“, но дека професорите и студентите ќе продолжат да се спротивставуваат, со своето знаење.

Синдикалните организации на 10 факултети на универзитетите во Нови Сад, Белград и Ниш денеска остро го осудија вчерашниот упад на припадници на Управата за криминалистичка полиција во просториите на Ректоратот на Универзитетот во Белград. Во соопштението се наведува дека таквиот чин претставува директен напад врз автономијата на Универзитетот, загарантирана со Уставот и законите.

Претседателката на Народното собрание на Република Србија, во изјава за „Политика“, нагласи дека претседателот на државата, Александар Вучиќ најавил почнување разговори во рамките на Српската напредна странка, но и со други партии и политички актери, за претстојните избори и пошироката надворешно-политичка насока на земјата.

Како што истакна таа, иницијативата е по „нова серија невистини за насилството на денот на изборите во десет локални самоуправи, што се случи во неделата“, оценувајќи дека тоа е наратив што „одредени кругови од Европската Унија повторно го промовираат“.

Брнабиќ додаде дека очекува разговорите, на иницијатива на Вучиќ, да почнат во наредните денови.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна синоќа изјави дека избори во Србија, без да прецизира дали тоа се однесува и на парламентарни и на претседателски избори, ќе се одржат до крајот на годината, а можеби и до Видовден, 28 јуни.

Back to top button
Close