„Репортери без граници“: 34 новинари убиени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас

Триесет и четири новинари се убиени во војната меѓу Израел и Хамас која трае повеќе од три недели, објави „Репортери без граници“, истовремено обвинувајќи ги двете страни за можни воени злосторства, пренесуваат светските агенции.

Огранизацијата ги повика обвинителите на Меѓународниот кривичен суд да ги истражат овие смртни случаи. Како што се наведува, „Репортери без граници“ веќе поднеле жалба за осум палестински новинари за кои велат дека биле убиени во бомбардирање извршено од израелската армија врз цивилни бласти во Појасот Газа и за еден израелски новинар убиен за време на нападот на Хамас на јужен Израел на 7 октомври

„Обемот, сериозноста и повторливиот карактер на меѓународните злосторства насочени кон новинарите, особено во Газа, наложуваат приоритетна истрага од страна на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд“,

вели генералниот директор на „Репортери без граници“, Кристоф Делоар“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на новинската агенција „Асошиејтед прес“.
Инаку, станува збор за трета ваква жалба поднесена од организацијата од 2018 година, во која се наведуваат воени злосторства извршени врз палестински новинари во Газа.

Од друга страна, Израел вели дека дека прави сè што може за да избегне цивилни жртви и го обвинува Хамас дека ги става во опасност со тоа што дејствува во станбени области.

Во последната жалба од „Репортери без граници“ се посочува и на „намерно, целосно или делумно уништување на просториите на повеќе од 50 медиуми во Газа“ откако Израел ја почна војната со Хамас.

Комитетот за заштита на новинари, исто така, објави дека ги истражува извештаите за новинари кои биле убиени, повредени, приведени или исчезнати во војната, вклучително и оние во Либан.

Според нивните прелиминарни податоци, во насилствата загинале најмалку 31 новинар и медиумски работник.

„Комитетот за заштита на новинарите нагласува дека новинарите се цивили кои извршуваат важна работа во време на криза и не смеат да бидат цел на завојуваните страни“, вели Шериф Мансур, програмски координатор за Блискиот Исток и Северна Африка на непрофитната организација со седиште во Њујорк.

Израелската војска почна со одмазнички воздушни напади и бомбардирања на Газа по нападите на Хамас на јужен Израел на 7 октомври во кои убија 1 400 луѓе и зедоа најмалку 239 заложници.

Според податоците на Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас повеќе од 8 500 луѓе се убиени од почетокот на израелските бомбардирања.

Back to top button
Close