Републиканците го освоија Претставничкиот дом во САД

Демократите на претседателот Џо Бајден го загубија мнозинството во Претставничкиот дом. Според извештаите на повеќе американски медиуми, Републиканската партија освоила 218 потребни мандати од вкупно 435, со што повторно ја презема контролата врз Претставничкиот дом, каде сега располага со тесно мнозинство. Демократите имаат досега 210 седишта во Претставничкиот дом, трката за шест или седум мандати е уште отворена.

Во Сенатот со само еден глас предност контролата ја имаат Демократите.

На конгресните избори одржани во САД минатата недела, Републиканците во целост остварија послаб резултат од очекуваниот. Успехот на Демократите се смета за дотолку поголем, што изборите на половината од мандатот на претседателот избирачите традиционално ги користат за казнување на актуелната власт. Имајќи ги во предвид високата инфлација и лошиот рејтинг на претседателот Бајден во анкетите, Републиканците очекуваа свој огромен триумф, но тој изостана.

Со стекнатото мнозинство во Претставничкиот дом, Републиканците можат да иницираат парламентарни истраги против Бајден и неговите соработници. Но, без мнозинство во Сенатот, не можат низ Конгресот да протуркаат закони како на пример за забрана на абортус или заштита на климата, кои противречат на агендата на Бајден. Републиканците не можат да блокираат ниту назначување на судии, амбасадори или владини претставници.

Back to top button
Close