Резолуцијата за Сребреница само би ги продлабочила поделбите, смета шефот на српската дипломатија Дачиќ

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека предлог – резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации е „непромислен гест“ со цел да се изврши притисок врз Србија, објави Н1.

Во гостување на ТВ Прва, тој рече дека креаторите на резолуцијата не очекувале дека Србија толку силно ќе се спротивстави и дека коспонзорите на таа резолуција сигурно нема да се откажат и дека гласањето сигурно нема да биде одржано на 2 мај, но, како што рече, „ќе видиме кога“.

„Очекуваа да го негираме злосторството, наместо тоа ние отидовме процедурално, констатиравме дека е прекршен членот 12 од Повелбата на ОН, дека нема консензус во Босна и Херцеговина и во земјите од регионот. Не само што немаше консензус во светот, регионот и Босна и Херцеговина, туку никој не ја ни информираше Србија дека (предложената резолуција) се подготвува, и тоа е причината што таа беше примена од некои членки на ОН. Разговарав на телефон со 69 министри за надворешни работи, еден дел од нив беше против, а еден воздржан“,рече Дачиќ.

Тој додаде дека ако сакаат резолуцијата да ја стават на гласање, резултатот ќе биде далеку од посакуваниот и дека нема врска со помирување, туку само ќе ги продлабочи поделбите.

Дачиќ рече дека Русија побарала итна седница на Советот за безбедност на ОН за БиХ и дека таа е закажана за 30 април и дека на неа преку интернет ќе се обрати српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ.

Дачиќ потсети дека кон средината на мај ќе има редовна седница на Советот за безбедност за БиХ и дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе одлучи кој ќе оди таму за да ја претставува Србија.

Back to top button
Close