Резултати од корупцијата: Мијалков без проблем си го гради спорниот хотел во Горица, наведува Охрид СОС

 

Компанијата на Сашо Мијалков продолжува да го гради спорниот хотел во Горица, велат од организацијата Охрид СОС, потсетувајќи на историјатот на објектот и како тој изникна на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје, преку низа злоупотреби и заобиколувања на прописите од страна на централните и локалните власти од сите политички „бои“ во последните 18 години.

Со цел објектот да го добие Мијалков, во 2007 година се изготвува Урбанистички план вон населено место, со кој дел од парк-шумата Горица се пренаменува во градежно неизградено земјиште, со конкретна намена хотелски комплекс. Градоначалник на Општина Охрид е Александар Петрески. На почетокот на 2011 година, Министерство за транспорт и врски, предводено од Миле Јанакиески, објавува јавно наддавање за отуѓување државно земјиште сопственост на Република Македонија за изградба на хотел на Охридското Езеро. Погодувате, победува фирмата на партискиот функционер, која добива катастарска парцела од 15.878 m2. Се работи за „Дивелоп груп“ во сопственост на Сашо Мијалков. Летото истата година, токму на таа локација е подметнат пожар, во кој горат треви и борови. Според МВР, поради немање соодветна пријава од инспекторатот за пожари, нема водени истраги за предизвикан пожар. Теренот се расчистува, а покрај изгореното, се сечат и здрави стебла. Се добива огромен простор кој потоа е ограден. Така останува безмалку една деценија. Во меѓувреме, поради судски процеси, имотот на Мијалков е замрзнат“, пишуваат во објава на социјалните мрежи од Охрид СОС.

„Но, наместо да се раскине договорот, за што има реални услови, Општина Охрид во два наврати потпишува анекс и му овозможува на Мијалков да не го изгуби земјиштето. Првиот анекс го потпишува градоначалникот Никола Бакрачески во 2013 година додека вториот го потпишува градоначалникот Константин Георгиески во 2020 година. Оваа игра заеднички ја водат двете најголеми партии. Наместо да ги истражат овие околности, медиумите делуваат незаинтересирани, одбраа молк. Јавноста не знаеше што се случува, нити беше известена. Дури, одредени локални медиуми во периодот пред да започнат градежните работи објавуваат како тој простор е запуштен и неуреден и дека тука требало да се гради хотел. Охрид ЅОЅ пред неколку години ја побара комплетната документација од институциите, и со намера да се истражи дополнително и да се објави пред охридската и македонската јавност, ја понуди на неколку истражувачки редакции. За жал, и покрај иницијалната согласност и желба сето ова да се обзнани, контактираните медиуми сепак не истражија. Не знаеме зошто“, велат од организацијата.

„На крај, откако еден дел од делата за кои беше гонет застарија (поради одолговлекување и лошо водење на постапката), а со измените во Кривичниот законик беше сменета суштината на кривичното дело за кое се гонеше, Мијалков беше ослободен. Вешто беше изигран правосудниот систем, па се случи на крај државата, односно даночните обврзници, да треба да му ги исплаќаат адвокатските трошоци. Без никакви пречки, на почетокот на минатата година дојде вистинскиот момент да се продолжи онаму каде што се застана во Горица. Хотелот се гради“, пишуваат од Охрид СОС.

„Овој проект никогаш не бил доставен ни до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, ниту пак урбанистичкиот план бил ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) во кој експлицитно стои „спречување на градежното зафаќање на релјефни возвишенија, доминантни места каде со изградбата на објекти ќе се наруши крајбрежниот пејзаж“. Охрид СОС овој случај го вклучи во коментарите претставени до Реактивната Мониторинг Мисија на UNESCO, IUCN и International Council on Monuments and Sites (ICOMOS) која го посети Охрид минатата година.
Во Извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион доставен до Центарот за светско наследство во февруари минатата година, Владата на Република Македонија манипулативно наведува како сите нови или измени на постојните урбанистички планови се во согласност со Планот за управување. Но, што е со овој проект за Горица? Или за старите проекти, по старо? Ова е очигледен пример кој ги побива сите „заложби“ на институциите дека се за зачувување на природното и културно наследство на регионот. Дополнително, дека работат за јавниот, наместо за приватниот интерес“, пишува во објавата.

„Поединци скоро бесплатно добиваат атрактивни локации низ целиот Охридски Регион, државното земјиште се отуѓува како тоа да е нешто невредно. Скоро во сите случаи, го добиваат локални моќници, познати или непознати партиски членови. Носителите на функции воопшто не мислат за јавниот интерес, за уништувањето, за последиците. Својата службена должност ја злоупотребуваат за некој да оствари долгорочен бенефит, а тие да лапнат малку од благото. Да искористат додека се на позиција“, заклучуваат од Охрид СОС.

Back to top button
Close