РКЕ: Бислимоски ќе остане на функцијата додека не се донесе одлука за престанок

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, соопшти дека сѐ додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Марко Бислимоски ќе ја извршува функцијата. Тој денеска поднесе оставка.

Бислимоски ја извршуваше функцијата претседател на РКЕ речиси осум години.

– Бислимоски денеска го извести Собранието на Република Северна Македонија дека поднесува оставка од функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика – наведува Регулаторната комисија и додава дека вработените и членовите во РКЕ јавно му се заблагодаруваат за долгогодишната соработка.

Управата за финансиска полиција (УФП) пред две недели поднесе кривична пријава против Бислимоски под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Бислимоски, според УФП, не постапил според Законот за енергетиката и не ѝ ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и таа е одземена дури во април 2025 годин, што ѝ овозможило на компанијата во тој период да оствари промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од речиси 229.000 евра.

Бислимоски потоа на прес-конференција рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива

Back to top button
Close