РКЕ: Во тек се анализи за враќање на дневната евтина тарифа на струјата


Откако лани на 1 јануари Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја укина дневната евтина тарифа на електричната енергија , сега ја разгледува опцијата за нејзино повторно враќање. Можно е цената на струјата во одреден период на денот да биде значително пониска од цената која сега се плаќа во првиот тарифен блок, односно, да биде помала од 7,41 денар за киловат час.

Како што изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, за Телма, анализите сè уште се прават и за околу две недели ќе се знаат сите детали.

„Постојат сериозни шанси да се воведе пониска одредена цена во текот на денот. Таа цена ќе видиме на кој начин ќе биде определена. Ќе има период сигурно кога ќе има пониска цена на струја да речеме од онаа во првиот блок, значително пониска. Се прават анализи и во наредните две до три недели ќе имаме и конечен став“,

вели Бислимовски.
Следниот месец ќе се прави и нова корекција на цената на електричната енергија за домаќинствата. Новата цена ќе важи од први јули. На почетокот на оваа година ДДВ за електрична енергија се зголеми од 5 на 10 отсто. Во летниот период треба да се врати на редовните 18 отсто.

Дневната евтина тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година поради енергетската криза и растот на цената на електричната енергија на берзите, а истовремено беше и зголемена цената на струјата за 9,48 отсто.

Евтина тарифа оттогаш се користи само во ноќните часови и во недела.

Од 1 јануари годинава, цената на струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок се намали, а се зголеми во третиот и во четвртиот блок. Во новата цена на струјата беше пресметано и зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 проценти.

Back to top button
Close