Росстат: Од Русија годинава заминале околу 419.000 луѓе

Во првата половина од 2022 година околу 419.000 луѓе ја напуштиле Русија, што е двојно повеќе во споредба со минатата година, соопшти Руската статистичка агенција (Росстат).

Според Росстат првпат во поновата руска историја емиграцијата е поголема од имиграцијата. Но, Агенцијата не соопшти детали за националноста на луѓето што заминале од Русија.

Русија традиционално привлекува имигранти од поранешните советски републики. Но, годинава движењето на населението е во друга насока, околу 369.000 луѓе заминаа во поранешните советски држави, а од нив во Русија влегоа 295.000 луѓе. Речиси 80.000 луѓе ја избрале Украина за своја дестинација.

Почетокот на руската инвазија на Украина во февруари доведе до егзодус не само од земјата погодена од војната, туку и од Русија. Членовите на опозицијата заминаа од Русија, а голем број млади образовани работници ја напуштија земјата во потрага по подобри деловни можности по повлекувањето на западните компании.

Во Ерменија и Грузија формирани се големи руски заедници, особено поради релативно лесната процедура за влез на Русите во тие земји.

Во првите шест месеци вкупното руско население се намалило за 480.000 луѓе, а причината за тоа е делумно природна загуба на населението.

Back to top button
Close