Рот: На изборите во С Македонија триумфира десниот национализам, сериозен удар за ЕУ-амбициите

Поранешниот државен секретар за Европа во германското Министерство за надворешни работи и актуелен претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, Михаел Рот, во објава на социјалните мрежи вели дека на изборите во С Македонија триумфирал десниот национализам и смета дека тоа е сериозен удар за ЕУ-амбициите на земјава.

Михаел Рот / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Тој вината за ваквата ситуација не ја наоѓа само кај поразената социјалдемократска влада, туку и кај државите на ЕУ, кои, како што вели, ги европеизирале билатералните прашања и уценувале со нив.

Според Рот, ако пристапувањето кон Европската Унија продолжи на технократски начин, тоа ќе придонесе за драстично зголемување на национализмот и евроскептицизмот, а среќни од тоа ќе бидат Русија и Кина.

„Десниот национализам триумфираво Северна Македонија. Сериозен удар за ЕУ-амбициите. За ова не е одговорна само поразената социјалдемократска влада, туку државите на ЕУ кои ги европеизираа билатералните проблеми и ги уценуваа. Ако продолжиме со преговорите за пристапување кон ЕУ на таков технократски начин, младите генерации ќе се иселат од Западен Балкан, национализмот и евроскептицизмот драстично ќе се зголемат. Русија и Кина треба да бидат среќни. Конечно ни треба рестарт и без блокади“,

напиша Рот на социјалната платформа Икс.

 

Инаку, апсолутен победник на двојните избори – претседателските и парламентарните – е ВМРО-ДПМНЕ.

Според првичните официјални резултати од 100 отсто пребројани гласови од вториот круг на претседателските избори, победник е кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, со освоени 561 001 глас, додека нејзиниот противкандидат, актуелниот претседател на државата кој со поддршка на СДСМ се бореше за втор мандат, освоил 251 881 глас.

Back to top button
Close