Рубио: Дејствијата на Додик ги поткопуваат институциите на БиХ и ја загрозуваат нејзината безбедност
Американскиот државен секретар Марко Рубио утринава изјави дека „дејствијата на претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик ги поткопуваат институциите на Босна и Херцеговина (БиХ) и ја загрозуваат нејзината безбедност и стабилност“, и ги повика партнерите во регионот да му се придружат на Вашингтон во спротивставувањето на ова „опасно и дестабилизирачко однесување“:
„Нашата влада ги поканува политичките лидери во Босна и Херцеговина да се вклучат во конструктивен и одговорен дијалог. Ги повикуваме нашите партнери во регионот да ни се придружат во спротивставувањето на ова опасно и дестабилизирачко однесување“, напиша Рубио на Х.
Рубио реагираше на последните изјави на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој на 5 март потпиша указ за прогласување на неуставни закони, усвоени од Националното собрание на РС, со кои се забранува работата на Судот и Обвинителството на БиХ, Агенцијата за истраги и заштита, и Високиот совет на обвинителството на БиХ.
Уставниот суд на Босна и Херцеговина на 7 март донесе времена мерка и ја запре примената на овие закони. (фокус)