Русија и Западен Балкан

Влегуваме во мошне критичен период на геополитичките влијанија во Западен Балкан (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна). Тоа може критички да се проценува од две позиции: состојбата со ЕУ проширувањето (евро-атланското доцно-либерално идеолошко влијание) и истовремено влијанието на Русија (спорадично економски на Кина, посебно во контекст на Руската агресија на Украина) – источно ортодоксно авторитарно вредносно влијание.

Тие реперни точки даваат јасна слика на состојбата на регионот и за фантазмите на државите кои допрва еволуираат во некакви меѓународни субјекти под овие влијанија.

Формално состојбата со евро-атланските интеграции е следна:

-Македонија: во НАТО, во напредната позиција на ЕУ-интеграција (“лидер во регионот” што и да значи тоа, единстено ја држи “под блокада” внатрешниот про-руски конзервативен отпор кон уставните промени и внесување на Бугарите како малцинство во Преамбулата на Уставот)

-Албанија: во НАТО, во напредната позиција на ЕУ преговарање

-Србија: со идеолошки отпори кон Евро-атланската интеграција, со позиција на чекање на гео-политичка светска промена и поголемо влијание на Русија и Кина, колапс на ЕУ и Америка-НАТО и “враќање на истиоријата” односно исправање на сите неправди кон Србија од војните од 90-те , Косово, Босна и сл. Исклучително регресивна националистичка позиција проследена со авторитарно политичко лидерство, но и економски напредок и кинеско финансиско влијание во земјата ;

-Црна Гора: во НАТО но во лимбо со ЕУ интеграцијата поради негативниот политички баланс помеѓу просрпските и црногорски про-западни политички влијанија во институциите на земјата;

-Босна и Херцеговина: нефункционална држава под постојана блокада од Република Српска и закана од сецесија, со добиен повик за отпочнување на ЕУ преговори и неизвесен исход на истиот.

-Косово: во постојан напор за пошироко меѓународно признавање но со рецентна тензија кон американските партнери и постојано обновување на инцидентите со Србија со што се компромитира процесот на Американско-Европското посредување во кризата на односите со Србија.

Активните кризни жаришта во регионот се под некаква “контрола” (Косово -Србија, Република Српска-Босна) – имено, не се во состојба да ја прелеваат кризата пошироко, но се држат отворени постојано.

Јазикот на Брисел во врска со проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е битно подобар (посебно по агресијата на Русија врз Украина), но ентузијазмот за тоа проширување на теренот опаѓа (иако е сè уште над 50 проценти позитивно). Тоа е тој парадокс на ЕУ во регионот.

Процесот на ЕУ – проширувањето се води кумулативно на два нивоа: економска помош условена со политички реформи и реформи за владеење на правото – и во тој комплот таа е клучна за суштествени демократски промени на земјите на кои се однесува, значи не само економска помош и не само притисок за политички промени.

Земјите различно реагираат на тој ЕУ “комплот”: некои го прифаќаат како корисен за нив, некои го одбиваат делејќи го и маневрирајки (ако можат) со други партнери. Во тој процеп на политики на прифаќање -одбивање на ЕУ политиките се вовлекува економски кинескиот и посебно идеолошкиот Руски интерес и влијание.

Денес во овој критичен момент за кој зборуваме, ЕУ добива конкурент во делот на економска помош и проекти во ликот на Кина (која прифаќа давање кредити и за потполно непрофитни проекти, само заради влез во регионот и преку него во Европа). Некои од државите имаа јавни финансии потполно зависни од финансиските обврски кон кинеските кредитори (а се на “пат” кон Европската Унија?). Но на вториот план, на идеолошкото вредносно влијание се јавува засилен руски притисок и присуство.

Историски руското влијание во регионот на Балканот има долга традиција. Но после агресијата на Украина и посебно по руските проценети “успеси” таму – фокусот и самодовербата на тоа влијание станува појасен и поагресивен.

Ако претпоставуваме за “Планот А” на Русија за регионот тој би бил: по “анектирањето” на Белорусија и Украина како големи словенски нации при “Мајка Русија” (овде со терминот “анектирање” мислиме на дефакто подјармување ставање под доминантно влијание на руските интереси), регионот на Западниот Балкан или посебно словенските држави во него, треба да бидат сторени тампон зона на неутралност (со скриено или отворено руско влијание, тие тоа го нарекуваат “Рускиот свет‚‚. Србите(Вулин) пак го копираат тој израз велејќи “Српски свет” за нивните замислени териториии од војните од 1990-тите) кон западните држави и нивни одбрамбени и економски асоциации (НАТО , ЕУ). Тоа е некаква оперативна-реализација на националистичката линија на Илија Илин – Дугин – Путин во сегашната геополитика на Русија во овој дел од светот, која не е комплицирана да се разбере, но е прилично брутална во реализацијата.

Но нејсе, Русија потфрлува во реализација на тој “план А”: Војната во Украина е сè уште со неизвесен крај; Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора се членки на НАТО; останатите (освен Србија која со зборовите на Путин од интервјуто за Фокс Њус Т. Карлстон, заедно со Унгарија се негови најголеми успеси во Европа) – се на некаков пат кон ЕУ.

Во таа ситуација се чини дека Русија развива “План Б”:

Руското влијание вообичаено се поврзува со десничарските, националистички партии , авторитарно и популистички водени и инспирирани од анти муслимански , исламофобни концепти; ксенофобни концепти ориентирани кон бегалците и мигрантите; анти-феминистички ,анти-ЛГБТQ+ концепти ; конзервативно фамилијарни наводно-вредности и патријахални хиерархии на машки идентитет формиран врз доминација или фантазија за доминација; подржуваат и стимулираат вмешување на православната црква или нејзини фракции во политиката врз основа на пан-славизам и пан-ортодоксност; нудат меѓународни асоцијации, под насловот на анти-нео- колонијализам, како алтернатива на ЕУ (БРИКС,помина незабележана изјавата на Рускиот амбасадор во Црна Гора дека не само НАТО туку и членството во ЕУ за Русија ќе биде третирано како закана за нивните безбедносни и национални интереси ?! Што останува после ова како избор за земјите од Западен Балкан?).

Ова руските служби го прават преку финансирање на политички партии; финасирање на невладини организации во цивилното општество кои се “борат против наметнатите ‚‚западни вредности‚‚ на нашето здраво национално тело”; и купување за такви намени на бизнис капацитети и сопственост на земја и згради

Но убедливо накјасна и едновремено најтоксична е нивната пропагандна ориентација на користење на социјалните медиуми за создавање на општа состојба на лимбо на неизвесност, на настабилност во врска со иднината, на социјална состојба на пост-вистина каде ширење на лажни вести и лаги е редовна информативна игра и каде победник е оној кој шири повеќе такви. Целта е да се создаде индивидуална и колективна состојба на емотивна раздразливост и неверување во ништо, еден провинциски нихилизам и царување на конспиративни теории на заговор и можноста сè ‚‚да биде возможно и еднакво невозможно”. Во таа смисла и насока руските инвестиции во купување, директно или преку посредници , на телевизии, портали , весници и хакирање – е драматично сериозна закана за демократијата во младите демократии на Балканот (еден интересен пример за ваквите операции добив од бугарските колеги кои ми покажаа документ – анализа каде 72% од сите негативните написи против нормализација на Бугарско – Македонските односи денес се напишани од медиумска куќа во сопственост на некој руски олигарх !?) .

По пат овие тенденции кои ние ги чувствуваме посебно силно и драматично се и европски проблем со руското политичко вмешување. Неодамнешната политичка турнеја низ европските земји на еврокомесарката В.Јурова беше целосно посветен на таа опасност, каде беше кажано дека и цели влади (мислејки на унгарската) служат како платформа за ширење на рускиот наратив.

Кои се критичните моменти кои можат да бидат користени од ова токсично руско влијание на замјите од Западен Балкан и што може да се очекува од самите нив во сумарна форма:

Прва опасност би била забавување на темпото на ЕУ интеграција (од причини на блокади предизвикани од про-руските елементи во земјите или од внатрешно европските баланси на силите); втора опасност е повлекување на САД од своето мултилатерално присуство на Балканот поради можната промена на надворешно-политички приоритети на новиот претседател на САД (ако се случи промена); трета опасност е атрофија и деволуција во самите кревки демократии на овие земји, најчесто со затварање на земјата од популистички ,националистички и авторитарни лидерства.

Како заклучок ми доаѓа поимот на Тери Иглтон за “темна надеж” што би значело да одржиш надеж, а да не станеш (неоснован) оптимист!

Љубомир Д. Фрчкоски

Back to top button
Close