Русија нареди евакуација на жителите од пограничните села на Курскиот регион со Украина

В.Д. гувернерот на рускиот Курски регион, Алексеј Смирнов, во кој од 6 август се  одвива украинска офанзива, денеска од безбедносни причини нареди евакуација на жителите во селата лоцирани на помалку од 15 километри од границата со Украина.

„Врз основа на оперативни информации и со цел да се обезбеди безбедност, регионалниот генералштаб одлучи да изврши задолжителна евакуација на местата во областите Рилски и Хомутовски, лоцирани во зоната до 15 километри од границата со Украина“, напиша Смирнов на Телеграм.

Тој ги повика локалните жители да ја „разберат моменталната состојба“ и да ги следат препораките на властите.

На 6 август Украина започна ненадејна офанзива врз рускиот Курски регион и зазеде неколку стотици квадратни километри територија и десетина места.

Поради офанзивата беа евакуирани околу 150.000 руски цивили.

Руската армија во четвртокот објави дека во контраофанзива во областа, која ги опфаќа и двете села Успеновка и Борки, вратила дел од територијата од силите на Киев.

Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибига денеска ги повика ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да го посетат делот од рускиот Курски регион, окупиран од Украина, што Кремљ го оцени како „чиста провокација“.

Back to top button
Close