Руски медиуми: Не станува збор за прекин на транзитот на гас од Русија преку Бугарија

Не станува збор за прекин на транзитот на природен гас од Руската Федерација преку Бугарија, јавија руски медиуми часови подоцна откако бугарскиот министер за енергетика Владимир Малинов предупреди дека Булгартрансгаз може да го запре трансферот на гас за Србија и за Унгарија доколку не се најде решение како руската страна ќе плати за тоа по 20 декември.

Исплатата беше доведена во прашање поради санкциите што САД ги воведоа кон Газпромбанк

Прекин на транзитот на рускиот природен гас низ Бугарија би било екстремна мерка и засега не станува збор за тоа, тврди неименуван извор кого руската агенција ТАСС го идентификува како близок до Булгаргаз, пренесоа бугарските медиуми.

Ситуацијата не е пријатна, но ништо критично не се случува. Следната исплата треба да се изврши до 20 декември, кога истекува преодниот рок наметнат од САД, додал соговорникот на руската агенција, пренесоа бугарски медиуми.

Според него, доколку проблемот не се реши, ќе стапат на сила механизмите за решавање спорови предвидени со руско-бугарските договори. Може да резултираат казни за задоцнето плаќање. Друга опција е транзитот на гасот да го плаќаат земјите приматели.

Меѓу погодените ќе биде и Унгарија, која продолжува да се потпира на својот долгорочен договор со Гаспром. Во 2022 година Унгарците добија 4,8 милијарди кубни метри сино гориво преку гасоводот Турски поток низ Бугарија. Во 2023 година овој показател се зголеми на 5,6 милијарди.

Бугарскиот министер за енергетика синоќа предупреди дека во отсуство на плаќања, операторот со гас може да го прекине транзитот по Балканскиот поток. Сепак, сите доспеани плаќања сега се направени и услугите се заштитени од режимот на санкции до 20 декември 2024 година. По тој датум, Гаспром мора да обезбеди алтернативен механизам за плаќање.

Back to top button
Close