Русковска: Пред две недели дознав дека формирале комисија и ми ги празнеле фиоките од бирото

Таа пред суспензијата работеше на предистражни постапки на два предмети – за Управата за финансиска полиција и за станицата за технички преглед во која бил автобусот што изгоре во Бугарија, трагидија во која животот го загубија 45 лица.

Обвинителката во емисијата „Топ Тема“ соопшти дека се водат предмети против високо профилирани личности, но не сакаше да каже ништо поконкретно, односно дали станува збор за функционери од актуелната или некоја друга Влада

Обвинителката Вилма Русковска, која е времено суспендирана од позицијата шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма, рече дека пред две недели дознала дека се формирала комисија во Обвинителството и дека ѝ ги празнеле фиоките од бирото.

Како што посочи, нејзиниот колега Трајче Пеливанов, кој беше назначен од Советот на јавни обивнители да раководи со ОЈО ГОКК додека трае нејзината суспензија ѝ се јавил и ја повикал да дојде во Обвинителството за да извршат примопредавање на предметите.

„Му реков дека нема зошто да одам, му кажав каде е едниот предмет, каде е другиот предмет,  да ги земе и да ги распредели по обвинители. Пред две недели разбрав дека формирале комисија и дека ми ги празнеле фиоките од бирото“изјави Русковска.

Таа пред суспензијата работеше на предистражни постапки на два предмети – за Управата за финансиска полиција и за станицата за технички преглед во која бил автобусот што изгоре во Бугарија, трагидија во која животот го загубија 45 лица.

„Кога со наредба на суд вршиме претрес било каде или кај било кого, мора сопственикот да биде присутен или членови на негово семејство. А, замислете, тие воопшто не ме информираа и мислам дека тоа е незаконски. И ако не е незаконски, мислам дека е навистина недозволиво. Не знам кој била причината да ми ги празнат фиоките, затоа што дента кога го добив решението за времено оддалечување, ако имав нешто да сокријам, ќе го земев со мене. Тој ден, како и секој друг, си отидов од работа“рече Русковска.

Обвинителката во емисијата соопшти дека се водат предмети против високо профилирани личности, но не сакаше да каже ништо поконкретно, односно дали станува збор за функционери од актуелната или некоја друга Влада.

„Нема да ви одговорама конкретно, но има предистраги за високо профилирани личности. Според законот за кривична постапка сите предмети се тајни и навистина не можам да посочувам. Потоа ќе започнат шпекулации по медиуми, по социјалните мрежи, така да, не“ рече Русковска.

Во врска со случајот со поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми, обвинителката изјави оти не знае од кои причини тој ја поднел кривичната пријава против неа,  поради која таа беше суспендирана од раководната позиција во ОЈО ГОКК, а Јавното обвинителство поведе и дисциплинска постапка.

„Имаше наредба за личен претрес на Арафат Муареми, односно за одземање на неговите мобилни телефони. Кога истражителите отидоа во Финансиската полиција, тој не беше на работа. Потоа му се јавија да дојде и да ги донесе мобилните телефони, но ги немаше. Кога го прашаа каде се, одговори дека ги изгубил или не знае каде се. Земен е лаптоп и не се сеќавам уште што и направен е список на предмети кои треба да ни бидат доставени“ вели Русковска.

Против Муареми, како што истакна Русковска, била поднесена анонимна кривична пријава за што Обвинителството морало да изврши проверка на наводите.

„Предметите стигнале по два и пол месеца и 10 дена по назначување на новиот в.д. директор на Управата на финансиската полиција. И колку што ме информираа, станува збор за 380 пријави за работата на Управата во периодот од 2018 година до јули во 2022 година“истакна Русковска.

Таа вчера, беше во Основното јавно обвинителство Скопје каде даваше исказ во врска со кривичната пријава од Муареми. По завршувањето на распитот Русковска во изјава за новинарите рече дека била сослушана во својство на осомничена и дека, според тоа, предметот е веќе во фаза на истрага.

Русковска и официјално осомничена, но не се откажува – конкурирала за шеф на Организиран криминал

„Истрага е затоа што предметот е заведен во уписникот како КО, а не во уписникот РО и бев сослушана во својство на осомничена“ изјави Русковска.

Прашана што очекува од постапката, таа нагласи дека очекува пријавата да се отфрли.

Сепак, Русковска не се откажува од позицијата шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал. Таа вчера соопшти дека конкурирала на огласот што неодамна го распиша Советот на јавни обвинители и рече дека очекува да ја добие поддршката од колегите со оглед на тоа што сега идниот шеф на ОЈО ГОКК ќе го избираат сите обвинители на непосредни избори со гласање.

Кандидати за раководната функција во ОЈО ГОКК, покрај Русковска се и Ерман Незири од ОЈО Скопје, Енгелуши Кадриу Леши од ОЈО ГОКК и Ислам Абази и Деса Пауновска, двајцата од ОЈО Гостивар.

 

Back to top button
Close