САД и сојузниците од Заливот подготвија резолуција на ОН за безбедност на пловидбата во Ормуз

САД и сојузничките држави од Заливот подготвија нацрт-резолуција на Обединетите нации насочена кон заштита на пловидбата во Ормуската Теснина, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.

Нацртот го повикува Техеран да престане со нападите врз пловилата, поставувањето морски мини и наплатата на такси за транзит низ тесниот воден пат, според Рубио. Во подготовката на предлогот учествуваа Бахреин, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Катар.

– Исламската Република Иран продолжува да ја држи светската економија како заложник – рече Рубио, додавајќи дека Техеран треба да го открие бројот и локациите на морските мини што ги поставил и да помогне во нивно отстранување за да се врати безбедната навигација.

Нацртот, исто така, повикува на воспоставување хуманитарен коридор.

Гласањето за резолуцијата во ОН се очекува во наредните денови, пренесе ДПА.

Пред САД да го почнат конфликтот со Иран на крајот на февруари, приближно една петтина од нафтата и течниот гас со кои се тргува во светот поминуваа низ Ормуската Теснина. Од почетокот на нападите, Иран практично ја запре пловидбата низ оваа тесна точка преку закани и напади, додека САД воведоа поморска блокада за бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.

Back to top button
Close