САД му продаваат ново оружје на Израел во вредност од милијарда долари
Планираните испораки на воена опрема за Израел вклучуваат 4.700 бомби од половина тон и оклопни булдожери, во вкупна вредност од речиси една милијарда долари.
„Волстрит џурнал“ вчера објави дека администрацијата на Трамп побарала од конгресните лидери да одобрат испорака на бомби и друга воена опрема за Израел во вредност од речиси една милијарда долари, бидејќи Белата куќа се обидува да одржи кревок прекин на огнот во Појасот Газа, според американски официјални претставници запознаени со овие испораки.
Цитирајќи ги истите официјални лица, во извештајот се вели дека планираните испораки на оружје вклучуваат 4.700 бомби од половина тон, вредни повеќе од 700 милиони долари и оклопни булдожери произведени од Caterpillar, во вредност од најмалку 300 милиони долари.
Кон крајот на минатиот месец, американскиот портал „Аксиос“ објави изјави на тројца израелски функционери дека Трамп му наредил на Пентагон да ја прекине суспензијата наметната од администрацијата на неговиот претходник Џо Бајден за испорака на бомби од 900 килограми во Израел.
Израелските власти соопштија дека 1.800 бомби MK (Mark) 84 од САД ќе бидат натоварени на брод и ќе бидат испратени во Израел во наредните денови.
Американското Министерство за одбрана (Пентагон) пред една недела објави дека секретарот за одбрана Пит Хегсет, во првиот телефонски разговор со странски функционер по преземањето на функцијата, нагласил дека Соединетите Држави под Трамп се целосно посветени на тоа Израел да го има она што му е потребно за одбрана.
Поранешниот американски претседател ја суспендираше пратката со бомби МК (Марк) 84 за Израел во мај, кога израелската армија го нападна градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Веста за испорака на оружје и воена опрема за Израел дојде додека премиерот Бенјамин Нетанјаху беше во Вашингтон на средба со Трамп и откако Нетанјаху одлучи да не испраќа преговарачки тим во Катар, каде што преговорите за втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа требаше да започне вчера.
Нетанјаху одлучил да ги одложи преговорите додека не се сретне денеска со Трамп, пишува американскиот портал „Аксиос“.