САД: Пилулата за абортус останува – барем засега

Врховниот суд на САД овозможи и натаму пристап до средството за прекин на бременоста „Мифепристон“, но само до завршувањето на судскиот процес кој се води за негова забрана. Двајца конзервативни судии отстапиле од ригидниот став.

Американскиот претседател Џо Бајден ја поздрави одлуката најавувајќи „продолжување на борбата против нападите врз здравјето на жените.“

Со одлуката на Врховниот суд се ставаат на мраз претходно изречените пресуди на пониски судски инстанци за забрана или драстично ограничување на пилулата.

Окружен судија од американската сојузна држава Тексас пред две недели ја суспендираше дозволата за користење на лекот „Мифепристон“ која во 2000 година ја издала Американската агенција за храна и лекови, ФДА. Апелациски суд во сојузната држава Луизијана кратко потоа ја редуцираше пресудата од Тексас, укинувајќи го делот за забраната, но истовремено заострувајќи ги условите под кои пилулата може да се препишува.

Средството Мифепристон“ во САД, според информациите на ФДА, од издавањето на одобрението за него, го користеле повеќе од 5 милиони жени за безбедно да ја прекинат својата бременост, а денес повеќе од половина од жените кои се одлучуваат да абортираат се потпираат на лекот. Компликации се појавиле во помалку од 1500 случаи, без доказ дека тие се должат на употребата на Мифепристон“.

Тужбата која ја поднесоа противниците на абортусот во Тексас против дозволата за користење на „Мифепристон“ фактички има цел да го отежни пристапот кон медицински средства за прекин на бременоста.

Десничарски религиозни групи и широки делови од Републиканската партија во САД со децении се обидуваат да го укинат правото на абортус во земјата. Мината година конзервативното мнозинство во Врховниот суд го укина законот „Роу против Вејд“, општо право на абортус во целата земја право кое важеше речиси 50 години и дозволи повеќе сојузни држави да извршат целосна забрана на абортусот. Анкетите меѓутоа покажуваат дека мнозинство од населението се залага за останување на правото на абортус.

Извор: ДВ

Back to top button
Close