САД сакаат да купат 100.000 јужнокорејски гранати за Украина, тврди американски претставник
САД сакаат да купат артилериски гранати од калибар 155 милиметри од Јужна Кореја и да ги испратат во Украина, додека Сеул инсистира Вашингтон да биде крајниот купувач на проектилите, наведуваат дел од светските медиуми.

Станува збор за набавка на 100.000 гранати, јави Волстрит журнал.
Американски претставник, кој инсистираше на анонимност, ја потврди намерата на САД да ја снабди Украина со јужнокорејско оружје, пишуваат дел од британските медиуми.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја тврди дека преговорите за продажба на артилериски гранати се поврзани со условот САД да не ја продава муницијата, ниту со неа да снабдува трета страна.
Сеул соопшти дека се придржува до одлуката да не извезува смртоносно оружје на завојуваните страни во Украина.
Испраќањето јужнокорејско оружје во Украина ќе ги наруши односите меѓу Сеул и Москва, како што претходно навести рускиот претседател Владимир Путин.
Јужна Кореја сака да избегне спор со Русија и поради економски причини, но и поради политичкото влијание на Москва врз Северна Кореја.
Артилериските гранати од калибар 155 милиметри се меѓу стандардното вооружување на американската војска и САД е редовен клиент.






